Утрински Весник
Економија

Николовски на Г7: Светот во потрага по решение за глобалниот недостаток на храна

Земјоделството се соочува со застрашувачки предизвик за производство на повеќе храна за да се задоволат потребите за исхрана на растечката светска популација, а во исто време се справува и со климатските промени и постојаното заострување на ограничувањата на природните ресурси. Овој предизвик е уште покомплексен со фактот дека доколку безбедната храна не е достапна, несигурноста и неухранетоста ќе продолжат, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, кој на иницијатива на германската Влада во соработка со земјите членки на G7 (Група 7), денеска во Берлин учествуваше на министерска конференција.

Министерот Николовски во своето обраќање пред присутните даде свое видување на глобалната криза, предизвикана од воениот конфликт кој ја афектираше македонската економија, земјоделското производство, трговската размена и снабдувањето со храна.

„ Дополнително, доколку земјоделците и земјоделските работници не остварат пристојни приходи, сиромаштијата ќе расте, а земјоделството ќе пропадне. Можеме да ја забрзаме транзицијата кон поодржливи системи за храна преку раст на земјоделската продуктивност што ја оптимизира одржливоста на земјоделството низ социјалните, економските и еколошките димензии. Северна Македонија активно учествува во спроведувањето на политиките за трансформација на глобалните прехранбени системи за да се постигнат целите за одржлив развој поставени од земјите членки на Обединетите нации“ изјави Николовски.

На конференцијата присуствуваа државниот секретар на САД, Антони Блинкен, министри на земјите членки на групата Г 7, претставници на Групата на шампиони на Обединетите Нации (GCRG), еврокомесарот за кризен менаџмент, Јанез Ленерчиќ, еврокомесарот за земјоделство, Јануш Војчеховски, претседателот на Светска Банка, Дејвид Мелпас, министрите за земјоделство и економија од многу европски и азиски држави, како и лидери на истакнати меѓународни организации од јавниот и невладиниот сектор од областа на земјоделството и економијата.

Министерската конференција се одржа под мотото „Uniting for Global food security“ и имаше за цел преку отвoрена дискусија и размена на искуства да се стигне до заедничко глобално решение како да се обезбеди храна за сите, во услови на воена криза која се случува на европско тло и која директно ја загрози трговска размена и системите на снабдување со храна и енергенси во целиот свет.

Министерската конференција опфати размена на позитивни резултати од превземени мерки за справување со кризата, а Северна Македонија имаше позитивно искуство како единствена земја во регионот која воведе Интервентен фонд за поддршка на земјоделскиот сектор со што беше овозможено субвенционирана набавка на вештачко ѓубриво за пролетна и есенска прихрана на стратешките култури (пченица, јачмен, пченка и сончоглед), поддршка на секторот сточарство и млекопроизводство, како и поддршка за главните извозни производи (зеленчук, овошје и вино), се наведува во соопштенето од министерството.

Можете да прочитате

СДСМ: Народот осиромашува, трошоците растат – потребни се мерки, а не игри со бројот на кошнички

Јанкоски од Народната банка: Бидете внимателни при онлајн купувањата и запознајте се со ризиците во дигиталниот простор

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ се креатори на растот на цените