Утрински Весник
Економија

Николовски: Во време на пандемија зголемен е извозот на македонски производи во Русија

Николовски на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург: Ја прошируваме билатералната и трговската соработка со Русија

Вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, Љупчо Николовски, како ко-претседател на Меѓувладината македонско-руска комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка, во рамки на официјалната посета на Економскиот форум во Санкт Петербург, Русија одржа работна средба со заменик-министерот за земјоделство на Русија, Сергеј Левин.

На средбата Николовски и Левин, ја потврдија досегашната успешна трговска размена.

Oбемот на трговијата меѓу Македонија и Русија во 2020 година изнесувал 190,3 милиони американски долари, што е повеќе за 6,2% во споредба со 2019 година.

Во исто време, македонскиот извоз во 2020 година достигнал 60,4 милиони американски долари, што е пораст за 15,8 %.

Во првите три месеци од 2021 година, извозот на македонските производи изнесува 17,4 милиони американски долари, што е пораст од 66,7%, а увозот изнесува 33,5 милиони американски долари што е намалување од 37.1% во споредба со истиот период од минатата година.

„Она што е значајно е зголемувањето на извозот на македонските земјоделски производи во 2020 година во споредба со 2019 година. Имаме раст од 11% на извозот на земјоделските производи и вкупен раст на извозот на македонски производи од 15,8% и тоа е во време светска пандемија. Тоа е доказ дека треба да ги интензивираме нашите економски соработки и да го искористиме целокупниот простор којшто ни стои на располагање. Договоривме бизнис мисија на клучните руски компании во делот на земјоделството, коишто ќе дојдат во Северна Македонија годинава и ќе ги вмрежиме со македонските компании, со цел зголемување на трговската размена“, изјави Николовски.

Вицепремиерот ја предводи владината делегација на официјалната посета на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург кој е водечка глобална платформа за членовите на деловната заедница да се состанат и да разговараат за клучните економски прашања со кои се соочува Русија, пазарите во развој и целиот свет.

Можете да прочитате

Шпанија го засилува истражувањето на бакарот, Македонија сè уште не го користи потенцијалот од Иловица

Рудник САСА го одбележува Денот на рударите со награди за вработените и нови инвестиции во безбедно и одржливо производство

„И здравје и работа“: Да градиме рударство што создава работа, развој и сигурна иднина