Скопје, 19 февруари 2020 (МИА) – На СОС телефонот при Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ изминатата година се регистрирани 113 јавувања, што е нешто повеќе од годината пред неа и има тренд на зголемување. Најчесто на телефонот се јавуваат возрасни и нема јавувања од деца. Тоа е показател дека треба поинтензивно да се работи на охрабрување на децата да се јавуваат.
Ова денеска на прес-конференција го истакна координаторот на СОС телефонот, Јорданка Черепналкова Трајкоска, која рече дека од 113 јавувања 69 отсто биле од септември до ноември минатата година, а 34 отсто од сите регистрирани случаи се во септември, што се должи на проблемот кој тогаш беше актуелен, а тоа беше незапишани деца во прво одделение заради непримената задолжителна МРП вакцина која беше резултат на одлуката на Владата поради епидемијата со морбили.
– Размислуваме да воспоставиме координација меѓу сите кои сме засегнати и секој да придонесе заради доброто на децата, затоа што и на училиштата, здравствените домови и на центрите, односно сите кои имаат директна или индиректна врска со децата интересот е детето. Почнуваме една таква иницијатива за да видиме кој каде во тој систем може најдобро да придонесе. Подлабок е проблемот, треба поинаку да се пристапи. СОС е само една алатка, истакна Черепналкова Трајкоска на презентацијата на годишниот извештај за работата на СОС телефонот.
Одговарајќи на новинарско прашање таа рече дека мал е процентот за постигнување ефикасност во решавање на проблемите и посочи дека можеби треба поинтензивно да работат, со цел со едно јавување, обраќање или интервенција да може да се реши случајот кој може трае подолго време и се инволвирани повеќе чинители, а треба и посистематски и посистемски да се вклучат. Појасни дека институциите одговараат на нивните јавувања.
– Од сите кои ни се јавуваат 74 отсто се Македонци, 19 отсто се Роми, а четири отсто се Албанци. Ова е показател дека треба да преземеме нешто за да ја доближиме СОС линијата до сите останати етнички заедници, додаде Черепналкова Трајкоска.
Претседателот на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, Драги Змијанац рече дека децата не се јавуваат на линијата најверојатно поради тоа што немаат доверба дека институциите ќе постапат соодветно и многу често по нивни дојави или дописи се случува институциите тогаш дури да се стават во функција во заштита на децата и нивните права.
– Ние колку и да сакаме да ги охрабруваме да се јавуваат децата таа сигурност ја немаат. Во одреден случај е спорна и анонимноста, бидејќи многу често се случува кога сакаме да ја загарантираме анонимноста, државните институции да бараат од нас да го пријавиме дојавувачот, што е спротивно на кодексот на работа на СОС телефонот за деца и млади при Меѓаши. Од 113 случаи на прекршени детски права изминатата година директно биле опфатени 228 деца, истакна Змијанац.
Додаде дека првите пет најчести прекршувања на правата на детето според категоријата на проблемот на кој се однесува дојавата се детската сиромаштија (25 отсто), правото на образование (19 отсто), видување со двајцата родители (11 отсто), семејно насилство (седум отсто) и насилство во воспитно – образовните институции (шест отсто). рп/са/
Меѓаши – Годишен извештај
Posted by MИА.mk on Среда, 19 февруари 2020