Утрински Весник
Македонија

МПС повикува МВР да не се вмешува во дневно политички настани

МПС повикува МВР да не се вмешува во дневно политички настани

Скопје, 14 февруари 2020 (МИА) – Македонскиот полициски синдикат (МПС) ги повикува сите раководни структури во МВР на сериозност и професионалност и невмешување на Министерството во дневно политички настани, а вработените ги охрабрува секој притисок и закани по било кој основ да го пријавуваат кај нив со цел навремено постапување и преземање мерки за заштита на нивните права.

-Како синдикат секогаш ќе бидеме на страната на полициските службеници кои чесно и професионално ги извршуваат своите работни задачи, па затоа би сакале да апелираме до сите вработени во МВР да останат имуни на влијанијата од дневно-политички карактер и да бидат доследни на целосно операционализирање на законитоста и законите, како алфа и омега на полициското работење, велат од МПС.

Акцентирањето на овој сегмент, додаваат, е особено важно периодов, бидејќи претставува основата за спроведување на фер, слободни и демократски избори, што е главна цел заради што во моментов е формирана и работи техничката Влада.

-Потсетуваме дека важечки правен акт донесен во законска процедура од страна на Владата, како што е Одлуката на Владата на РСМ бр.44-1358/1 од 09.02.2020, објавена во „Службен весник на РСМ“ бр.30/2020 од 09.02.2020 година, не смее да не биде почитуван. Впрочем, и согласно Полицискиот кодекс, припадникот на полицијата, без да стравува од санкции мора да се воздржи од извршување на незаконски наредби кои претставуваат извршување на кривично дело. Сите незадоволни страни, пак, можат да поведат постапка согласно законските процедури пред институциите и ние, како синдикат, им стоиме на располагање, порачуваат од МПС.

Време е, порачуваат, заеднички да застанеме во заштита на угледот на вработените во Министерството за внатрешни работи и самото Министерство и на тој начин да придонесеме граѓаните да ја прифатат полицијата како сервис на граѓаните. вј/скс/

 

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Ковачевски: Минимална плата од 600 евра и само 7% невработеност до 2028 година

Османи: Вашиот глас е инвестиција за иднината

Мицкоски: Повикувам на обезбедување на македонско национално единство, обзнанувам мораториум и запирање на сите напади кон партиите Левица и ЗНАМ