Утрински Весник
Македонија

МВР: Стабилна е безбедносната состојба во Дебар и Центар Жупа

Во Дебар по четири месеци рестрикција, нормализирано снабдувањето со вода

Скопје, 18 март 2020 (МИА) – Безбедносната состојба на целото подрачје на општините Дебар и Центар Жупа во изминатото деноноќие е стабилна и без регистрирани собирања на граѓани на јавни места, нарушувања на јавниот ред и мир и сообраќајни незгоди, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи.

Граѓаните, како што се наведува во соопштение, ги почитуваат препораките, мерките и насоките усвоени од Владата во врска со спречувањето на ширењето на коронавирусот за забрана за одржување собири и настани на отворен и затворен простор, како и секаков вид на јавни и приватни собири.

-Полициските службеници деноноќно се на терен и ги преземаат неопходните безбедносни активности што се во согласност со оперативниот план, се врши обиколка низ централното градско подрачје и приградските населби и се контролира дали угостителските и другите јавни објекти (маркети, ноќни клубови, фитнес салони, обложувалници) се придржуваат до одлуката за забрана за нивната работа. Непречено се спроведуваат мерките за контрола на патнички и други моторни возила за влез во Дебар и Центар Жупа, информира МВР.

Оттаму потсетуваат дека влезот е дозволен само на лица кои се жители на општините, а истовремено оневозможен е и строго забранет излез на сите граѓани затекнати на подрачјето на двете општини.

-Без проблеми се одвива дотурот на храна, лекови, средства за лична хигиена и други потреби за граѓаните во двете општини. Сите правни лица кои вршат дотур на продукти треба да се најават во Кризниот штаб на фиксниот телефон 046/831 051 по што, нивните возила, со полициска придружба ќе бидат спроведени до трговските објекти во двете општини, се наведува во соопштението на МВР.

Од Министерството апелираат до граѓаните на Дебар и Центар Жупа, но и до сите граѓани во државата, да бидат трпеливи, да покажат разбирање за сериозноста на ситуацијата и строго да се придржуваат до препорачаните мерки и насоки усвоени од Владата, во врска со спречување на ширењето на коронавирусот, а сите правни и физички лица строго да се придржуваат до насоките на полициските службеници.

Сите оние кои ги прекршуваат дадените препораки, ќе бидат санкционирани согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик.бт/скс/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Филипче по Конгресот: Одлична енергија, нова сила и ентузијазам!

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче не може да биде новото лице на СДСМ, тој и неговите луѓе се синоним за корупција и криминал

Фани Каранфилова Пановска е нов заменик претседател на СДСМ