Утрински Весник
Македонија

„Македонската независна листа“ со понуда за структурни промени, ресетирање на државата, враќање на нејзиниот суверенитет и дигнитет

„Македонската независна листа“ со понуда за структурни промени, ресетирање на државата, враќање на нејзиниот суверенитет и дигнитет
Img 5587

Охрид, 26 февруари 2020 (МИА) – Новина на македонската политичка сцена на изборите ќе биде „Македонска независна листа“, движење што како концепт ќе настапува со цел „обединување на сите граѓани од земјата и дијаспората во акција за стабилна, напредна Македонија, почитувана во регионот и Европа“.

На денешното претставување на суверенистичката платформа со која ќе настапи независната листа на претстојните избори, беше истакнато дека нивниот концепт на народот ќе му понуди „враќање на државата во негови раце, враќање на името и знамето на државата, окончување на вештачката творба „Северна Македонија“, враќање на првиот меѓународно признаен устав на државата од 1991 година со негово референдумско дополнување, раскинување на сите досегашни штетни договори…“

Img 5587

– Овој  начин на водење на државата не води никаде. Цел е државата да ја донесеме каде што треба, подобрување на состојбите во сите сфери од секојдневието, со побогати граѓани со кои нема да може да се манипулира и уценува. Да се ослободиме од постојниот концепт, а со нашето делување да воведеме систем за кој граѓаните преку своите листи со свои избрани кандидати ќе кажат како треба да се управува. Секако тука се и македонските национални интереси, заедно со стопанството, рече Горан Таскоски од „Македонски независни листи“.

Според кажаното, „нелегитимни договори потпишани од луѓе што не се избрани по легитимен начин и се правно неиздржани можат да бидат поништени“,  што е интенција на „Македонските независни листи“.

Никола Танчевски го претстави акцискиот план „Ера Трета“, што предвидува активности за рамноправност на македонскиот народ во светот, преку економско заздравување на државата, со конкретни бизнис планови за економска независност и напредок на државата. Како што беше истакнато, дел од нивните проекти веќе се спроведени во практика, истите се покажале функционални така што интенција е таквите успешни проекти да  бидат внесени во системот.

Социо-економски системи што ќе ја удвојат вредноста на денарот, преку автохтони македонски методи, со разработување и поддршка на домашните иновации, патенти. Враќање на одземениот економски суверенитет, со понуда на иднина, но не преку вработувања на измислени работни места туку во реално стопанство обезбременето од трговци, накупци, прекупци…Симулациите спроведени во социо-економскиот систем на терен покажаа дека доколку се обезбеди откуп со пристојна цена и извоз на производите, тоа ќе значи нови повеќе од 300 илјади вработувања, една цела администрација која наместо да троши три ќе генерира нови шест милијарди евра годишно, рече Танчевски.

„Македонската независна листа“ како што беше истакнато на прес-конференцијата, има поддршка од многу организации , движења, граѓански здруженија како „Движење Бојкотирам”, „МИР“, „Беломорска партија“, Егејските здруженија, „Фаланга за вечна Македонија“, Координативното тело на Македонците во Европа, македонското иселеништво преку Координативното тело на Македонците во светот, црковните општини во дијаспората, но и повеќе од 120 независни граѓански здруженија, стотици компании и земјоделски стопанства и поединци од земјата. Претставниците на политичкиот концепт со предвидувања дека имаат капацитет да ги обезбедат потребните потписи за учество на предвремените избори на 12 април. Според нивните калкулации, нивни потенцијални гласачи би биле 50 до 70-те отсто граѓани на државата кои не сакаат да гласаат за двете најголеми политички партии во земјата како и од разочараните кадри на тие опции. аб/сп/

Извор: mia.mk

Ss1

Можете да прочитате

Лукаревска: Сакале некои или не, СДСМ ќе биде запишан во историјата како организирана политичка сила која ја врати слободата и ја врати државата на вистинскиот пат

Две лица загинаа во сообраќајката на патниот правец Радовиш-Штип

Во Богомила упасен скопјанец кој со ловачка пушка им се заканувал на мешатани