Гостивар, 12 мај 2020 (МИА) – Меѓуопштинскиот кризен штаб за општините Гостивар, Врапчиште и Маврово Ростуше од централните власти предлага да се намали времето на полицискиот час и да се утврдат правила според кои ќе работат угостителите. Предлозите дојдоа по состанок што се одржа денеска во Гостивар на кој се разгледуваше состојбата со коронавирусот во гостиварско.
– Во заклучоците од денешниот состанок е да доставиме предлог со кој ќе се скуси полицискиот час. Во работни денови да започне од 23 часот и да заврши во 5 наутро. Од Владата бараме што поскоро да подготви протоколи според кои угостителите би работеле кога ќе се отворат летните тераси на рестораните и кафулињата, рече градоначалникот на општина Гостивар
Тој ја нагласи потребата од поскоро отварање на угостителските објекти, бидејќи, како што рече, тоа во значајна мера би ги придвижило малите бизниси и ќе влијае позитивно врз локалната економија.
По состанокот од кризниот штаб упатија апел до граѓани да се придржуваат до препораките за заштита од коронавирусот во наредниве денови и особено во периодот кога ќе дојде до олабувување на одредени мерки.
Во трите полошки општини од денес е дозволена продажба на кафе во чајџилниците, кафулињата и рестораните, но од шалтер, по принципот „купи и оди“. Тој предлог е одобрен од централниот штаб откако пред две недели беше упатено барањето.
Состојбата во регионот, според заклучоците,е под контрола и стабилна, а граѓаните во голема мера ги почитуваат мерки и препораките.згм/лв/