Утрински Весник
Македонија

Кризниот штаб од три гостиварски општини бара покус полициски час и протокол за летните тераси на угостителските објекти

Кризниот штаб од три гостиварски општини бара покус полициски час и протокол за летните тераси на угостителските објекти

Гостивар, 12 мај 2020 (МИА) – Меѓуопштинскиот кризен штаб за општините Гостивар, Врапчиште и Маврово Ростуше од централните власти предлага да се намали времето на полицискиот час и да се утврдат правила според кои ќе работат угостителите. Предлозите дојдоа по состанок што се одржа денеска во Гостивар на кој се разгледуваше состојбата со коронавирусот во гостиварско.

– Во заклучоците од денешниот состанок е да доставиме предлог со кој ќе се скуси полицискиот час. Во работни денови да започне од 23 часот и да заврши во 5 наутро. Од Владата бараме што поскоро да подготви протоколи според кои угостителите би работеле кога ќе се отворат летните тераси на рестораните и кафулињата, рече градоначалникот на општина Гостивар

Тој ја нагласи потребата од поскоро отварање на угостителските објекти, бидејќи, како што рече, тоа во значајна мера би ги придвижило малите бизниси и ќе влијае позитивно врз локалната економија.

По состанокот од кризниот штаб упатија апел до граѓани да се придржуваат до препораките за заштита од коронавирусот во наредниве денови и особено во периодот кога ќе дојде до олабувување на одредени мерки.

Во трите полошки општини од денес е дозволена продажба на кафе во чајџилниците, кафулињата и рестораните, но од шалтер, по принципот „купи и оди“. Тој предлог е одобрен од централниот штаб откако пред две недели беше упатено барањето.

Состојбата во регионот, според заклучоците,е под контрола и стабилна, а граѓаните во голема мера ги почитуваат мерки и препораките.згм/лв/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Камион пропадна на улицата „Аџи Мустафа“ во Охрид

Автомобил се преврте на автопатот Скопје–Велес, повредени три девојки

Имплементација на пресудите на Европскиот суд за човекови права во фокусот на дебатата во Талин