Советот на Амбасадори е разочаран од одлуката на Советот за општи работи на Европската Унија да не препорача одржување на првата меѓувлaдина конференција меѓу Република Северна Македонија и ЕУ поради натамошното силно и неразбирливо спротивставување на само една земја членка на Унијата, соседна Република Бугарија, велат од таму.
Советот смета дека ова е една од повеќето неправди што и се нанесени на нашата земја на нејзиниот пат кон евроинтеграциите од нејзиното осамостојување до денес иако земјата како што велат, секогаш ревносно ги исполнува поставените барања од Унијата во делот на реформите во многу области на живеењето.
„Советот жали што овој пат Македонија и нејзините досега стабилни добрососедски односи со Бугарија на непримерен начин станаа дел од предизборната кампања во оваа земја членка на Унијата преку барања кои беа во спротивност со европските вредности, стандарди и принципи на дејствување. Советот исто така смета дека институциите на ЕУ не треба да станат форум каде ќе се дебатира за историски прашања на народите туку место каде ќе се расправа за продлабочување на пријателството меѓу народите, сеопштиот економски, социјален и културен просперитет, успешната борба против меѓународниот тероризам и искоренување на пандемијата Ковид-19“, стои во писменото соопшетние.
Неговите членови оценуваат дека многу пати повторената констатација на Комисијата на ЕУ дека на земјите на Западен Балкан местото им е во Унијата без конкретни резултати е неисполнување на очекуваните обврски на ЕУ со што се нарушува и кредибилитетот на Унијата.
Советот оценува дека постои недостаток на соработка и големи разлики во ставови меѓу политичките чинители во земјата во однос на надминување на овој сериозен политички проблем и треба да се бараат посовремени начини на создавање на долгорочна стратегија на развој на добрососедските односи.
Од таму изразуваат подготвеност да придонесат во осовременување на стратегијата за дијалог, бидејќи досегашната, како што оценуваат, по сите параметри не ги дала очекуваните резултати.