Утрински Весник
Македонија

Изложба „100 најдобри дела“ од Меѓународниот конкурс за карикатура во Крива Паланка

Изложба „100 најдобри дела“ од Меѓународниот конкурс за карикатура во Крива Паланка

Крива Паланка, 6 март 2020 (МИА) – Сто најдобри дела пристигнати на петтиот Интернационален конкурс за карикатура во организација на Регионалното здружение за развој „Патник“ од Крива Паланка се дел од изложбата која денеска беше отворена во  галерискиот простор на Национална установа Центар за култура Крива Паланка.

На изложбата се претставени наградените дела, избор од сто најдобри творби според жири комисијата, како и четири карикатури надвор од оваа конкуренција.

– Овој е по многу нешта уникатен конкурс, а стана препознатлив културен бренд на глобално ниво како еден од ретките конкурси во светот кој тематски ги третира социјалните односи во семејството . На минатогодишниот конкурс пристигнаа 140 дела од 56 автори од вкупно 28 држави од светот. Жири комисијата ги определи најдобрите работени, на тема „Традиционалните свадбени обичаи во светот“, а радува фактот што имаме и четири дела надвор од конкуренција кои ги изработи нашиот познат карикатурист Миро Ѓоргиевски, на  кои се претставени Галичката, Пијанечката, Шопската свадба и како пост-свадбена тардиција, невестинското поклонение во Кривопаланечка конопница, што всушност е главната манифестација чијшто придружен настан е овој конкурс, изјави Стојанче Величковски, автор на конкурсот.

Главната награда на конкурсот е престижниот трофеј „Невестулка“,златен медаљ и двесте долари парична награда кои му припаѓаат на првонаградениот, Миленко Косановиќ од Србија, второ место и сребрен медаљ, како и 150 долари за Олекси Кустовски од Украина,  трета награда, бронзен медаљ и сто долари за Дарко Дрљевиќ од Црна Гора. Специјална награда, плакета, за најдобра колекција му е доделена на Горан Челичанин од Србија.

-Радува фактот што на изложбата пристигнуваат дела од секаде во светот, конкурсот предизвикува интерес на сите континенти поради тие интересни инспиративни фамилијарни релации, а за поздравување е и придонесот на општината којашто решила да го поддржи овој проект да опстои , изјави познатиот карикатурист, член на жири-комисијата, Јордан Поп Илиев.

Конкурсот се имплементира преку РЗР „ПАТНИК“ од Крива Паланка со поддршка на Министерството за култура и Општина Крива Паланка.

-Радува фактот што неисцрпната инспирација на бракот и релациите во него се тематски инспирации на карикатуристите од светот, а овој конкурс,судејќи по листата на учесници, го обедини светот во Крива Паланка и Крива Паланка е препознаена во национални и интернационални рамки, заедно со поклонението во Конопница. Ние како општина ќе продолжиме да ги поддржуваме заложбите на идејниот творец, Величковски, во унапредување на овие проекти, рече градоначалникто на Крива Планака, Борјанчо Мицевски.

Конкурсот за карикатура е придружен настан на Традиционалната културна манифестација „Невестинско Поклонение“ што ќе се одржи по 11-ти пат на 8 март, недела, 2020 година во кривопаланечкото село Конопница. ид/цр

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Петрушевски: Поднесените амандмани се популистички

Општина Струмица ѝ предаде објект на Фондацијата „Елеуса“

Никој не го отворил прашањето дека може без Албанците, вели Меџити за изјавата на Ахмети од Швајцарија