Утрински Весник
Македонија

Засилени контроли на МВР во Крива Паланка за евиденција на повратници и непочитување на препораките за самоизолација

Засилени контроли на МВР во Крива Паланка за евиденција на повратници и непочитување на препораките за самоизолација

Крива Паланка, 17 март 2020 (МИА) – Секој граѓанин на општина Крива Паланка што ќе забележи повратници од странство кои не ја почитуваат забраната за четиринаесетдневна изолација во домашни услови, веднаш да пријават на телефонскиот број 192 во Министерството за внатрешни работи, е само еден од заклучоците од денешната седница на општинскиот штаб за заштита и спасување на Крива Паланка.

Членовите на општинскиот кризен штаб истакнаа дека МВР преку своите служби на граничните премини, преку Секторот за внатрешни работи, ОВР и останатите служби на локално ниво, тековно ќе доставува список на повратници од странство кои се со постојано место на живеење во Општина Крива Паланка, со цел нивно соодветно и навремено изолирање.

Општинскиот кризен штаб ги донесе и следните заклучоци: Ако има неопходна потреба од верски обреди, тие да се сведат со присуство на минимален број луѓе и истите да се изведуваат задолжително во Градска капела – Крива Паланка.

Од страна на Пазарниот инспектор да се зајакне контролата на трговските објекти долж патниот правец кон Граничен премин Деве Баир и да се отстранат сите маси и чадори што се во функција на послужување пијалоци, а бензинските пумпи да ги изнесат автоматите за послуга на кафе пред објектите и да го контролираат бројот на влез на лица во и од самите објекти заради нивна и сигурност на корисниците на услугите.

Сите производствени погони од конфекциската, кожарска и текстилна индустрија да го организираат седењето на вработените во тек на самиот процес на растојание од најмалку два метри, а мензите кои се користат во производствените погони да се стават вон употреба, со препорака вработените да носат оброк од дома.

Препораки се издадени и за сопствениците на големи маркети, продавници и аптеки, да го организираат протокот на лица кои купуваат производи при влез и излез од самите објекти.

Кризниот штаб на општина Крива Паланка апелираше сите граѓани над 60 годишна возраст, самечки домаќинства и стари и изнемоштени лица да ги користат услугите за набавка на храна, хигиенски продукти и лекови преку волонтерските тимови на Црвен Крст и Општина Крива Паланка со повикување на телефонските броеви 078 30 30 60 или 031 37 50 35.

Апел и до домаќинствата да не создаваат залихи на прехранбени продукти, лекови и хигиенски производи. ид/аа/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Одѕивот на Претседателските избори во Амбасадата во Брисел до 17 часот 39 отсто  

Вкупно 165 болни и немоќни гласаа во Неготино

ВИКЕНДОТ ШТО ДОАЃА ЌЕ ДОНЕСЕ МНОГУ СВЕЖИ УТРА: Температурите ќе бидат потпросечни, а ќе се спуштат и до 3 степени