Утрински Весник
Македонија

Еко-свест со анализа: Системот на субвенционирање на малите хидроцентрали некомпатибилен со Европските правила

Еко-свест со анализа: Системот на субвенционирање на малите хидроцентрали некомпатибилен со Европските правила

Во земјава 96 пуштени мали хидроцентрали и уште 25 што наскоро ќе почнат со работа, прават сериозни штети на животната средина и пристапот до вода за населението. Една од причините зошто оваа технологија продолжува да е атрактивна за инвеститорите е системот на субвенционирање со повластени тарифи кој кај нас сѐ уште постои иако веќе неколку години се напушта во ЕУ, покажа Анализата на државната помош за обновливи извори на енергија во Република Севеверна Македонија.

Анализата беше направена од страна на експерти од Центарот за економски анализи – ЦЕА, преку која апелираат до Владата да се придржуваат кон ЕУ регулативите и со тоа да се либерализира енергетскиот пазар и да се овозможи поголем продор на други модерни технологии кои се помалку штетни за средината.

– Од воведувањето на повластените тарифи за субвенционирање на искористувањето на обновливите извори на енергија во 2007 година до крајот на 2020 година, пуштени се во употреба 96 мали хидроелектрани што користат повластени тарифи, а во блиска иднина треба да се пуштат уште 25. Поради нивниот голем број и изградба во предели со природни богатства, како и заштитени подрачја, се почести се случаите кога тие се во сериозен конфликт со заштитата на природата или со пристапот до вода на луѓето, што ја доведува во прашање оправданоста тие да се поддржани со фиксни тарифи, истакна извршната директорка Ана Чоловиќ-Лешоска од Еко-свест.

ЦЕА велат дека поддршката на обновливите извори треба да се префрли кон премии доделени со аукција а не преку фиксни повластени тарифи како што е во моментот.

– Според ЕУ регулативата за државна помош, поддршката на обновливите извори треба скоро целосно да се префрли од фиксни повластени тарифи кон премии доделени со аукција. Премиите ги изложуваат обновливите извори на енергија на сигналите на пазарот бидејќи некои технологии за обновлива енергија, како што се малите хидроцентрали, достигнаа фаза на зрелост што бара нивна интеграција на пазарот. Со оглед на тоа дека во моментот кај нас некои технологии се уште добиваат само повластени тарифи, може да се заклучи дека не е извршено целосно усогласување на националното законодавство со ЕУ легислативата, вели Весна Гарванлиева од Центарот за економски анализи.

Здруженијата доставиле жалба до Енергетската заедница и очекуваат одговор на нивните барања за да се либерализира енергетскиот пазар.

– Сметаме дека моменталната поставеност на националната регулатива ги фаворизира малите хидроцентрали, за што имаме доставено и жалба до Енергетската заедница. Додека во ЕУ гледаме диверзификација на производството и намалување на уделот на хидроенергијата во енергетскиот микс, кај нас се уште поддржуваме зрели и конкуретни технологии со субвенции. Владата и ресорните министерства мора што поскоро да овозможат транзиција на сите технологии од тарифи кон премии за да овозможиме вистинска либерализација на енергетскиот пазар, но и максимална заштита на природата од штетни проекти кои инаку не се конкуретни на пазарот, додава Давор Пехчевски од Еко-свест.

Можете да прочитате

Петмина повредени во сообраќајна несреќа на патот Кичево – Осломеј

Четири креативни работилници за деца, Саем на книга и доделување на наградите на „Литера 2024“

АПЕЛИРАМЕ НА ПРЕТПАЗЛИВОСТ: Денес доцна попладне и навечер, како и во текот на ноќта кон недела, локално по силно невреме во Македонија