Утрински Весник
Култура

Друштвото на филмските работници ги поддржа мерките за спас на македонската кинематографија

Друштвото на филмските работници ги поддржа мерките за спас на македонската кинематографија

На последното собрание на Друштво на филмските работници на Македонија беа разгледувани мерките донесени од страна на Агенцијата за филм на РСМ – првата, за ургентно префрлување рата за проектите што се завршени или се во поодмината фаза на реализација, и втората, во соработка со ДФРМ, која претставува директна финансиска помош за независните филмски работници, оние кои егзистираат единствено од работа на филмски проекти и немаат приходи по други основи.

На собранието на ДФРМ едногласно беше донесен заклучок дека со индигнација се отфрлаат и осудуваат неодамнешните написи во одредени медиуми, како и обвиненијата на поединци во врска со споменатите мерки.

„Политичките притисоци на тие поединци, каде што се издвојува името на нашиот режисер Милчо Манчевски, претставуваат атак на домашната кинематографија, со единствена цел да се остварат лични интереси во време на предизборни активности на политичките партии. Ваквото однесување нè враќа кон времињата на едноумие и нетранспарентност, кога огромни средства со години се префрлуваа на поединци и им беа исплаќани екстремно високи хонорари. На тој начин се оставаше малку простор за афирмација и работа на голем дел од филмската фела, посебно кај младите професионалци“, велат од Друштвото на филмските  работници.

„ДФРМ“ испраќа апел до политичките партии и одредени медиуми да не подлегнуваат на притисоците и манипулативните конструкции кои ги лиферуваат поединци за сопствен бенефит. Сметаат дека треба јасно и недвосмислено да се искаже ставот дека е недозволиво македонската филмска фела да биде заложник на таквите интереси и со тоа да назадува националната кинематографија.

Друштвото на филмските работници на Македонија е единственото релевантно струково здружение од областа на филмот во нашата земја. „ДФРМ“ e член е на IMAGO, светската асоција на кинематографери, член на FERA, европската асоцијација на филмски режисери, основач е и организатор на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ и ја поседува лиценцата за избор на национален претставник за наградата Оскар, доверена од страна на Американската академија за подвижни слики, уметност и наука. Оваа година Друштвото на филмските работници прославува 70 години од своето основање.

Текстот Друштвото на филмските работници ги поддржа мерките за спас на македонската кинематографија е превземен од МАКФАКС.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“