Во рамките на официјалната посета Бугарија првиот потпретседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби придружуван од министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска и министерот за образование и наука Јетон Шаќири, претседаваше со работната група од областа на културата, образованието и науката, туризмот и младите и спортот.
Четвртата работна група во чиј фокус се културата, образованието и науката, туризмот, како и младите и спортот, реши како задача да преземе чекори од двата планови за изработка на сеопфатна програма за соработка во овие области.
По средбата, Груби го изрази својот оптимизам за позитивната атмосфера и постигнувањето на многу заеднички проекти меѓу двете земји.
„ Многу позитивна атмосфера и многу топло гостопримство од нашите бугарски колеги и штотуку ја завршивме првата седница на комисијата за култура, образование и наука, млади и спорт и туризам и јас сум огромен оптимист за постигнувањето на многу заеднички проекти кои ќе ги реализираме во следните месеците, потпишуваме многу меморандуми за соработка меѓу двете страни и ценам дека оваа седница на комисијата, но и пленарната седница што ќе следи ќе биде успешна и убеден сум во многу оптимистички резултати од целата наша посета на Софија“, нагласи Груби.
„ Една од работните групи во рамките на меѓувладината соработка со Република Бугарија која денес започна со работа е и работната група за образование, култура, наука и млади, со чија седница имав чест да копретседавам заедно со мојот бугарски колега. Ги поставивме заедничките приоритети во овие области на кои ќе работиме во наредниот период, меѓу кои:
– објавување на огласот за лого и слоган на заедничките владини седници
– составување на заеднични културен календар;
– унапредување на соработката меѓу универзитетите од нашите земји за поатрактивни студиски програми, размена на искуства и можност за практична настава ;
– организација на заеднички научни конференции;
– организирање на еден фудбалски натпревар меѓу владините кабинети;
– интензивирање на соработката помеѓу Агенцијата за Mлади и Спорт на нашата земја и Министерството за Млади и Спорт на Република Бугарија;
– взаемно промовирање на атрактивните туристички дестинации и продлабочување на соработката во областа на туризмот како силна предиспозиција на економскиот развој.
Седницата меѓу двете влади во Софија е важен чекор кон решенија од заеднички интерес кои ќе донесат придобивки за нашите народи и заедничка иднина во Европската Унија“ рече Груби.