Утрински Весник
Свет

Во Камбоџа уловена најголемата слатководна риба во светот

Раја тешка 300 килограми, што ја прави најголемата слатководна риба досега документирана, е уловена во реката Меконг во Камбоџа, соопштија научници. Претходно, рекордниот улов беше 293 килограми тежок џиновски сом уловен во Тајланд во 2005 година.

„За 20 години истражување на џиновски риби во реки и езера на шест континенти, ова е најголемата слатководна риба што сме ја сретнале или документирале каде било во светот“, изјави за Би-би-си Зеб Хоган, биолог кој го води конзерваторскиот проект „Чудата на Меконг“.

Проектот го чинат мрежа на рибари кои ги предупредуваат истражувачите доколку фатат џиновска или загрозена риба.

„Пронаоѓањето и документирањето на оваа риба е извонреден и редок знак на надеж, дотолку повеќе што се случи во Меконг, река која моментално се соочува со голем број предизвици“, додаде д-р Хоган, кој исто така е професор на Универзитетот во Невада.

Меконг има висока биолошка разновидност, но прекумерниот риболов, браните и загадувањето го загрозуваат нејзиниот кревок екосистем. Реката тече од Тибетската висорамнина низ Кина, Мјанмар, Тајланд, Лаос, Камбоџа и Виетнам.

Ноќта на 13 јуни, локален рибар на островот Кох Преа повикал истражувачи и рекол дека уловил многу голема раја. Испаднало дека рибата е долга 3,98 метри и широка 2,2 метра.

Откако била опремена со чип за следење, рибата била пуштена назад во реката.

Можете да прочитате

МСП му наложи на Израел да отвори копнени премини за хуманитарна помош за Појасот Газа

Руски воени бродови впловија во Црвено Море

Во Франција за Велигден зголемено присуството на полицијата пред црквите