Утрински Весник
Македонија

Високи тонови и караница во Собрание каде вчера имаше тепачка

Со високи тонови и карање започна денешната седница на Комисијата за европски прашања, каде вчера имаше тепачка. Координаторот на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски реагираше бидејќи потпретседателката Арта Биљали-Зендели смета дека дневниот ред е усвоен, а тие тврдат дека не се гласало за него. Според Мицевски, целта на пратениците од СДСМ и ДУИ да донесат измени на закон за продолжување на мандатите на судиите обвинителите.

„Не може да сметате дека расправата почнала вчера, бидејќи вчера имавме расправа за утврдување на дневниот ред кој уште не е отворен. По утврдување на тоа, по отворање на точката што сакате сега да го направите, Деловникот вика дека расправа по закон трае два дена. Закон за кој ние имаме 380 амандмани. До мене дојде еден документ кој сега ќе го прочитам, а медиумите добро да пазат и да видат дали се тоа зборовите кои ќе ги каже претседателката на Комисијата: „Нема да се води претрес по амандманите бидејќи според Деловникот истече рокот од најмногу два дена за водење на претрес по амандманите“. Ова планира потпретседателката, по глумење на функционирање и работа на оваа Комисија, да го прочита. Денеска до крајот на денот Законот ќе се обидат да го донесат, а е селективен за судиите и обвинителите“, кажа Мицевски.

Пратениците треба да расправаат за 380 амандмани а веќе во 14 часот е закажана Законодавно-правната комисија каде треба исто така да се расправа за законското решение кое мора да помине на Комисијата за европски прашања. Според Мицевски, ова покажува дека се брза со донесување на законот по секоја цена.

„Дневниот ред е вчера изгласан, пред неизбежниот скандал во салата. По констатацијата дека дневниот ред е изгласан беше утврдено во оваа сала во 10 часот вечерта. За жал, велите глумење, а имате сценарио како ќе ја завршам седницава. Јас не работам по сценарија. А ми потврдивте дека вчерашниот скандал беше монтиран и исцениран. Се знаевте, некогаш не е толку битна последицата туку причината“, посочи Арта Биљали-Зендели.

Потпретседателката на Комисијата за европски прашања, отвори претрес по амандманите, без да даде процедурално обраќање на координаторот Мицевски.

„Седни ќе ти кажам“, рече Мицевски на Мартин Костовски од СДСМ, на што Костовски одговори: „Немам каде“, а Мицевски врати: „Ај да не ти кажам кај да седнеш“.

Ова е второ продолжение на Комисијата за европски прашања по вчерашната тепачка.

Можете да прочитате

Прв средношколски самит за кариерен развој

Кривична пријава за злоупотреба на службена положба и злоупотреба на постапка за јавен повик 

Маричиќ: Оваа влада ги покачи пензиите за 50 отсто, во наредниот мандат ветуваме просечна пензија од 500 евра