Утрински Весник
Македонија

(Видео) Заев: Европските лидери добро ја разбираат нашата порака – идентитетот не е за преговори

(Видео) Заев: Европските лидери добро ја разбираат нашата порака – идентитетот не е за преговори

Премиерот Зоран Заев денеска ги сумираше резултатите од средбите кои во изминатите два дена нашата владина делегацијата ги оствари со највисоките претставници на Европската Комисија и на Европскиот парламент.

„Ви се обраќам од Мисијата на Северна Македонија, тука од срцето на Европската Унија, од Брисел. Имавме интензивни средби со највисоките претставници на европските институции – и осигуравме дека и во Европската Комисија и во Европскиот Парламент и во било која друга европска институција, клучните претставници знаат и разбираат дека нашиот македонски идентитет не е за преговори и никогаш нема да биде за преговори.

Фон дер Лајен, Вархеји, Сасоли, Борел, Тимерманс, Лајчак, Вебер, Ќучук, Чолош – сите европски лидери и претставници ја знаат и ја разбираат нашата позиција – додека некој се обидува, а гледаме дека се обидува, македонскиот јазик и македонскиот идентитет да го стави на европската маса за преговори, ние нема да преговараме“, рече Заев во обраќањето.

Премиерот порача дека македонскиот народ има гордост и сопствен идентитет.

„Гордоста можеме да ја засилуваме или смируваме, но идентитетот и јазикот македонски ни е неприкосновен, еден и единствен, непроменлив. Тргнете ја секоја дискусија за македонскиот јазик и македонскиот идентитет од масата за разговори во Брисел – после тоа можеме да продолжиме да разговараме за нашата европска иднина“, е пораката на Заев до европските челници.

Тој вели дека со македонскиот идентитет не смее и нема да си игра ниту оваа Влада, ниту било која друга Влада, а уште помалку друга држава или Унија во која не сме членка.

„На овој заеднички пат, секој треба да си ги заврши своите обврски – Северна Македонија многу сработи, испорачавме реформи, испорачавме и правда – време е и ЕУ да го испорача ветеното кон нас“, порача македонскиот премиер.

Тој најави дека европската агенда продолжува, од Брисел во Мадрид, а потоа и на економскиот форум Делфи во Атина.

Заев во Брисел е придружуван од вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров и од министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Можете да прочитате

Стружанец со 2,5 промили алкохол во крвта предизвикал сообраќајна, полицијата го приведе

Автомобил се превртел кај Крива Паланка по удар во камен

Арбен Фетаи назначен за специјален пратеник за ЕУ