Утрински Весник
Економија

Бесими вети раст на економијата од 4% и раст на просечната плата за 20 до 30 отсто

Стапки на раст над 4% и покачување на платите за 20% до 30% односно над 32 илјади денари во следните четири години за подобрување на стандардот на граѓаните и економијата во земјата. Ова се главните цели и задачи на министерот за финансии Фатмир Бесими во следниот четиригодишен мандат како прв финансиер.

Тој посочува дека негова и задача на неговиот тим е што побргу земјата да се врати на патот кој ќе донесе солиден економски раст, достоинствени плати, создавање на нови работни места и намалување на невработеноста, предвидлива даночна политика и генерално, европска иднина за нашите граѓани.

„Прво и најважно, до крајот на мандатот да ја вратиме економијата на солиден и одржлив раст од 4%, што ќе создаде солидна основа за удвојување на долгорочниот просечен економски раст од 2,6 проценти во последните 10 години на 4% до 5% просечен годишен раст во наредниот период. По завршувањето на кризата, да овозможиме раст на просечната плата до крајот на мандатот од 20 до 30%, во зависност од должината и влијанието на епидемијата врз светската и домашната економија, што реално ќе овозможи и пораст на минималната плата“, рече Бесими.

Тој посочува дека во Министерството за финансии интензивно се работи на четвртиот пакет мерки кој е насочен кон економско заздравување, односно зајакнување на ликвидноста и финансиската стабилност на фирмите, стимулирање на приватната потрошувачка и поттикнување на инвестиции во стопанството.

Бесими посочи дека за време на кризата ќе се настојува преку мерки, стапката на невработеност да не расте значајно, а по завршувањето на кризата и до крајот на мандатот да се продолжи динамиката на намалување на стапката на невработеност по 3 процентни поени годишно.

Извор: Makfax

Можете да прочитате

Просечната плата во јуни помала за 1.163 денари во однос на месец мај

120 милиони евра повеќе БДП, за само две години економијата го забрзува чекорот

НБ: Во јули годишен раст од 8,8% на вкупните депозити и 13,3% на вкупната кредитна