Утрински Весник
Економија

БДП годинава ќе се намали за 3,4 проценти, во април пад од 20 проценти на буџетските приходи

БДП годинава ќе се намали за 3,4 проценти, во април пад од 20 проценти на буџетските приходи

Скопје, 4 мај 2020 (МИА) –  Економската активност во државава годинава ќе се намали за 3,4 проценти како последица од кризата со Ковид -19, а стапката на инфлација ќе има надолна ревизија и ќе изнесува 0,2 проценти, покажуваат денеска претставените проекции за економијата на Министерството за финансии според кои, оценува министерка Нина Ангеловска,  засега работите се одвиваат подобро од очекувањата со попретпазливото сценарио на овој ресор за справување со кризата.

Реализацијата на Буџетот покажува дека во април годинава се остварени буџетски приходи од 14,2 милијарди денари, што претставува пад од 20 проценти споредено со април лани. Даночните приходи во април изнесуваат 7,2 милијарди денари и се намалени за 31 процент споредено со април лани,  а се реализирани придонеси од 5,5 милијарди денари, на исто ниво со ланскиот период. Реализиацијата на другите буџетски приходи (неданочни, капитални и донации)  изнесува околу 1,5 милијарди денари и кај нив има пад од 20 проценти на годишна основа.

-Основното сценарио на Министерството за финансии предвидува забавување на економската активност за -3,4 процент со тоа што ефектите од корона кризата врз економијата, се очекува да бидат најголеми во второто тримесечје, во третото се очекува забавување на контракцијата, додека во четвртото закрепнување на економијата и раст, рече денеска на прес-конференција министерката за финансии Нина Ангеловска.

Официјалните проекции на Министерството за финансии предвидуваат пад на извозната компонета од 16,8 проценти, приватната потрошувачка се очекува да се намали за 3,3 проценти, а бруто инвестиции за 9,6 проценти на реална основа. Позитивен придонес се очекува од јавната потрошувачка за која се проектира раст од 2,7 проценти, а увозот на стоки и услуги пад од 15,8 проценти на реална основа.

Како што рече Ангеловска, со оглед на рестриктивните мерки за заштита на здравјето на граѓаните, запирањето на економските активности или отежнувањето на некои синџири на набавка падот на приходната страна е очекуван. Сепак, укажа, во основното сценарио на Министерството за финансии, таканереченото поповолно сценарио проектираниот пад за април е повисок, односно 40 проценти на даночните приходи. – Ова значи дека имаме подобра наплата за 1,4 милијарди денари во однос на корона проекциите за април, односно нашето разработено сценарио може да се каже дека било поконзервативно или претпазливо, рече Ангеловска.

Приходите по основ на ДДВ се остварени помалку за -43,5 проценти – што, укажа Ангеловска, е и очекувано со оглед на рестриктивните мерки за заштита на здравјето на граѓаните кои беа на сила цел април. Персоналниот данок на доход забележа пад од -11,7 проценти, данокот на добивка забележа раст од 3,6 проценти, акцизите пад од 40 проценти, наплатата на царините е помала за 26 проценти.

Најголемо натфрлање, информираше министерката, има кај данокот на добивка. Од вкупно наплатените приходи од данок на добивка во април кои изнеуваат 1,43 милијарди денари, 790 милиони денари се од уплатен данок на добивка по годишен биланс што е позитивен податок кој говори за успешните резултати на компаниите остварени минатата година.

-Од почетокот на годината заклучно со април наплатата на приходите во буџетот е за 4,9 проценти пониска во однос на истиот период лани. Наплатата на даночните приходи е за 9,1 процент пониска во однос на лани, што најмногу се должи на падот на наплатата на ДДВ за 14,6 проценти. Наплатата на придонесите има раст од 9,2 проценти во однос на минатата година, што е показател дека годината започна одлично со раст на вработеноста и платите. Во растот на платите значајна улога одигра и мерката за поддршка на приватниот сектор за покачување на платите која ја искористија над 22.000 компании и ги покачија платите на над 119.000 вработени, нагласи Ангеловска.

-Вкупните приходи се реализирани во иснос  од 27 проценти согласно планот,  додека вкупните расходи 30,4 проценти. Расходната страна е повисока за седум проценти од почетокот на годината заклучно со април, при што кај реализацијата на капитални расходи има раст од 21 проценти во однос на лани.

-Засега работите се одвиваат како што гледаме нешто подобро од она проектирано сценарио  од страна на Министерството за финансии, што се сметаше како поповоло што е добар знак. Секако ние сме подготвени да одговориме и на најлошото сценарио, но треба да ја имаме предвид и непредвидливоста на ова криза што ја прави тешка за предвидување и проекции, па важно е да бидеме подготвени за секое сценарио во секој момент да одговориме со цел да ги амортизираме ударите врз економијата и да помогнеме и на приватниот сектор и на граѓаниге да го поминат со што помалку последици, рече Ангеловска.лв/скс/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Денови на финансиска писменост – 24info.mk

Продолжува амандманската расправа за Предлог-буџетот за идната година

Тему достапна и во Македонија, ниски цени и бесплатна достава, квалитетот дискутабилен