Утрински Весник
Свет

Акар: Турските сили ќе се приклучат во мировната мисија во Нагорно-Карабах

Акар: Турските сили ќе се приклучат во мировната мисија во Нагорно-Карабах

Турскиот министер за одбрана Хулуси Акар денеска повторно изјави дека силите на Турција ќе учествуваат во мировна мисија во Нагорно-Карабах заедно со Русија, објави телевизискиот канал Си-ен-ен Турк.

„Турција ќе учествува во заедничката мировна мисија за следење и контрола на спроведувањето на мировниот договор во Карабах“, рече Акар.

На 9 ноември рускиот претседател Владимир Путин, азербејџанскиот претседател Илхам Алиев и ерменскиот премиер Никол Пашинјан потпишаа заедничка изјава за целосен прекин на огнот во Нагорно-Карабах, почнувајќи од 10 ноември.

Ерменското Министерство за одбрана и Генералштабот во заедничкото соопштение во вторникот соопштија дека вооружените сили на земјата ќе го почитуваат договорот за Нагорно-Карабах потпишан од лидерите на Ерменија, Русија и Азербејџан. Тие исто така го повикаа ерменскиот народ да се воздржи од активности што можат да ја дестабилизираат состојбата во земјата.

Руското Министерство за одбрана вчера објави дека е потпишан меморандум за формирање заеднички Руско-турски центар за следење на примирјето во Нагорно-Карабах по онлајн преговорите меѓу рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу и неговиот турски колега Хулуси Акар. Центарот се наоѓа во Азербејџан.

Овие договори не го споменуваат присуството на турски војници во мировниот контингент во Карабах.

Во меѓувреме, и рускиот министер Сергеј Лавров во интервју за домашни и странски медиуми рече дека ниту една турска мировна мисија нема да биде испратена во Нагорно Карабах. Тоа е јасна одредба од договорот за целосен прекин на огнот во Нагорно-Карабах, што го потпишаа лидерите на Азербејџан, Ерменија и Русија, пренесува ТАСС.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Осмоодделенец со нож уби наставничка, повредени уште две лица

Стапи во сила забраната на САД за увоз од Канада во вредност од една милијарда долари

Иран се закани со напади врз енергетската инфраструктура по говор на Трамп