
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) ја нагласува потребата изборот на раководните позиции, директор и заменик-директор, во Македонската радио-телевизија (МРТ) да се спроведе низ транспарентен, инклузивен и кредибилен процес, со јасен фокус на квалитетот на кандидатите и заштитата на јавниот интерес.
Имајќи предвид дека рокот за оваа постапка истече на 15 април, сметаме дека е од особена важност целиот понатамошен тек на постапката да се води транспарентно и во целосна согласност со законските одредби, со доследно почитување на институционалните процедури и принципите на правната сигурност.
ЗНМ апелира изборот да се води врз основа на професионален интегритет, релевантно искуство на кандидатите, јасна визија и реален капацитет за унапредување на работата на јавниот сервис.
Истовремено, неопходно е Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги да се почитува целосно и доследно во сите аспекти на постапката, без селективен пристап и без отстапки, со цел да се обезбедат легитимност, правна сигурност и доверба во постапката.
Квалитетниот и внимателно спроведен изборен процес е суштински предуслов за справување со предизвиците со кои се соочува јавниот сервис во служење на јавниот интерес. Само на тој начин може да се придонесе кон зајакнување на професионалните стандарди, независноста и севкупниот капацитет на МРТ да работи во интерес на граѓаните.
Оттука, очекуваме новото раководство со одговорен и стратешки пристап да придонесе кон унапредување на јавниот сервис, преку јасни развојни приоритети, професионално управување, посветено зајакнување на дописничката мрежа и јасна определба за работа во јавен интерес.
ЗНМ останува конструктивен партнер во следењето на овој процес и во поддршката на сите напори што водат кон силен, независен и професионален јавен радиодифузен сервис.


