
Жичницата на Водно нема да биде пуштена во употреба во текот на целото лето, откако при вонреден увид биле утврдени сериозни технички недостатоци кои можеле да предизвикаат трагедија.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, изјави дека системот никогаш не бил целосно сервисиран од австрискиот производител „Допелмаер“ во изминатите 15 години, иако биле барани понуди за одржување.
„Увидот покажа дека гумичките биле изедени, поради што доаѓало до триење на гондолите. Не работеле ниту неколку сензори. Поради овие причини можело да се случи да се откачи гондола“, изјави Ѓорѓиевски.
Жичницата беше затворена на 25 април со образложение дека ќе мирува само два дена, но по контролата извршена од тим на „Допелмаер“, градските власти донеле одлука таа да не биде повторно пуштена во сообраќај.
Од ЈСП „Скопје“ сега очекуваат австриската компанија да достави понуда за тоа колку ќе чини целосното сервисирање и колку време ќе биде потребно за санација на дефектите.
„Не можеме точно да кажеме колку ќе трае сервисирањето, но сигурно е дека летово жичницата нема да работи“, додаде градоначалникот.
Случајот отвори сериозни прашања за безбедноста на системот, особено по трагедиите што се случија во Европа. Минатата година четири лица загинаа во Неапол кога се откачи кабина од жичница, а на Дурмитор во Црна Гора загина германски турист кој испаднал од гондола.
Жичницата од Средно Водно до Милениумскиот крст беше пуштена во употреба на 3 јуни 2011 година. Проектот го реализираше австриската компанија „Допелмаер“, а инвестицијата чинеше 6,7 милиони евра.
Системот располага со 28 кабини со капацитет од осум лица, како и две ВИП кабини, а гондолите се опремени и со држачи за велосипеди.


