Утрински Весник
Свет

Земјотрес со интензитет од пет степени ја погоди Гранада

Zemjotres1.jpg

Земјотрес со интензитет од пет степени ја погоди пошироката област на Гранада во јужна Шпанија рано утрово, при што се оштетени згради, фасади, покриви и автомобили, но нема повредени, соопштија регионалните власти.

Според Националниот географски институт (IGN), земјотресот е регистриран во 1:04 часот наутро, со епицентар на длабочина од два километри во Алхендин, во метрополитенската област Гранада, објави „Паис“.

Земјотресот е почувствуван во речиси цела Андалузија, освен во провинциите Уелва и Кадиз. Службите за итни случаи добија повеќе од 80 повици од граѓани, а пријавени се и разни материјални штети, вклучувајќи одлепување на делови од фасади и покриви, оштетување на автомобили и лизгање на земјиште.

Цивилната заштита евакуираше зграда во Лас Габијас како мерка на претпазливост поради штетите предизвикани од земјотресот.

Регионалната влада на Андалузија активираше вонредна состојба поради сеизмички ризик.

Потпретседателот на регионалната влада, Антонио Санц, ги повика граѓаните да останат смирени и да избегнуваат непотребно влегување и излегување од оштетените згради. Во таа област беа регистрирани подоцна уште четири помали земјотреси, со магнитуда помеѓу 2,2 и 3,7 степени.

Можете да прочитате

Два танкера погодени во Ормуската Теснина

Седум луѓе загинаа во израелски воздушен напад врз јужен Либан

Трамп вели дека ќе ја прогласи Ормуската Теснина за „американска територија“