Утрински Весник
Македонија

Засилени сообраќајни контроли во Скопје

Img 2648.jpeg

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вечерва беше во посета на полициските службеници кои учествуваат во засилените сообраќајни контроли низ главниот град. Тој истакна дека акциите се насочени кон најкритичните точки во сообраќајот – булеварите, каде што најчесто се случуваат несреќи со фатални последици.

„Фокусирани сме на булеварите бидејќи тие се црните точки каде најчесто се случуваат сообраќајните несреќи и се одземаат човечки животи. Упатувам апел до сите учесници во сообраќајот, особено до возачите, да бидат внимателни, да ги почитуваат сообраќајните правила, да не возат над дозволената брзина, да не поминуваат на црвено, да не забрзуваат на жолто и да не управуваат возила под дејство на алкохол. Највредното нешто што го имаме во државата се луѓето, односно човечкиот живот“, изјави Тошковски.


Податоците од МВР покажуваат загрижувачки бројки. Само во текот на вчерашниот ден во Скопје биле санкционирани 360 учесници во сообраќајот, од кои:
• 79 возеле со брзина поголема од дозволената,
• 29 управувале возило без возачка дозвола,
• 4 возеле под дејство на алкохол.

Министерот потенцира дека МВР ќе продолжи со активни и превентивни мерки за намалување на бројот на сообраќајни несреќи и дека институциите интензивно работат на имплементација на проектот „Безбеден град“, кој во иднина ќе прерасне во „Безбедна држава“.

„Минатата година имавме 142 жртви во сообраќајни несреќи. Тоа се страшни бројки. Сите како општество мора да се фокусираме тие бројки да се намалат. Имаме начин како да го постигнеме тоа и посветено работиме на реализација на проектот кој ќе помогне во зачувување на човечките животи и зголемување на сообраќајната култура“, додаде Тошковски.

Граѓаните генерално ја поздравуваат акцијата, но дел од нив реагираат дека институциите реагираат само по трагични настани. „Зошто се чекаше асфалтот да земе млад живот, па дури потоа да се постави полиција?“, прашува еден од нив. Друг граѓанин коментира дека „контролите ќе траат една недела, а потоа сè ќе се врати во нормала до следната жртва“.

И покрај различните ставови, јасно е дека потребата од засилени мерки и системски решенија за безбедноста во сообраќајот е поголема од кога било.

Можете да прочитате

Пандов: Да се провери колку случаи се досудени како претходниот на Васил, сомнежот е огромен ако нема

Сиљановска-Давкова го прими раководниот тим на Државниот завод за ревизија

Доста беше патење за семејството на Фросина – 24 инфо одлучи да не го објави видеото кое е најавено за утрешниот ден