
Скопска мобилара – увозник на мобилни уреди откако била фатена во обид за криумчарење „Ејпл” часовници, по претходен договор и со помош на други лица ги заменила запленетите часовници со евтини копии, а оригиналите ги ставила во продажба во сопствениот салон. По налог на јавен обвинител извршен е претрес каде се пронајдени оригиналните часовници вредни 570 илјади денари – предмет на криумчарење. Против шест физички и две правни лица е поднесена кривична пријава за криумчарење, прикривање стока предмет на криумчарење и злоупотреба на службена положба. За случајот накратко информираше директорот на Царинска управа Бобан Николовски во гостување на МРТВ 1.
Случајот е откриен на Меѓународен Аеродром Скопје од страна на мобилен царински тим од Одделението за оперативни работи, при детална контрола на пратка со „Ејпл таблети” од Дубаи која била наменета за македонска компанија која се занимава со продажба на мобилни уреди.
При прегледот на документацијата и контрола на стоката, инспекторите при отворање на еден од пакетите со ознака „Ејпл таблети” откриле вкупно 20 паметни часовници кои не биле опфатени со увозната царинска декларација. Часовниците се привремено одземени и оставени во безбедносен сеф се до донесување наредба од страна на јавен обвинител. Уште истиот ден, други лица кои имале пристап до сефот, сега осомничени, го отклучиле сефот и запленетите часовници ги замениле со евтини копии, а оригиналите му ги предале на увозникот.
Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги спроведе темелна истрага при што по налог на јавен обвинител е извршен претрес на мобиларата каде се најдени оригиналните часовници. Извршени се соодветни предистражни дејствија и форензика на прибавените доказни материјали, по што е поднесена кривична пријава против осум лица.


