Утрински Весник
Свет

Западните медиуми наведуваат дека Трамп го презел Вашингтон уште пред неговата денешна инаугурација

Donald Tramp.jpeg

Новиот американски претседател Доналд Трамп го презеде Вашингтон уште пред неговата денешна инаугурација, забележаа западните медиуми по повод „победничкиот митинг“ синоќа во спортската сала „Capital One“ во главниот град на САД, Вашингтон.

„Трамп веќе го освои округот Колумбија уште пред да ја преземе функцијата“, гласи насловот на американскиот весник „Вашингтон пост“. „Она што го гледаме сега е во целосна спротивност со неговото влегување во Белата куќа во 2017 година и неговото заминување во 2021 година“, наведува весникот.


Новоизбраниот претседател Доналд Трамп триумфално се враќа во Вашингтон: неговите тужби се зад него, корпоративните лидери се собираат во неговиот имот Мар-а-Лаго во Флорида за да се сретнат со него, неговата кампања собра рекордна сума за церемонијата на инаугурација и Републиканската партија во моментов е целосно под негова контрола, забележуваат авторите на написот во весникот.

Покрај тоа, многу од луѓето што тој ги предложи за министри покажаа дека успешно ќе ја поминат процедурата за одобрување во Сенатот под контрола на републиканците. Ова важи и за контроверзниот кандидат на Трамп за секретар за одбрана Пит Хегсет, чија номинација се чинеше загрозена пред само еден месец, пишува „Вашингтон пост“.

Се очекува Трамп да потпише десетици извршни наредби кога ќе ја преземе функцијата, особено поврзани со границата – централна тема на неговата изборна кампања. Изданието посочува дека на синоќешниот „митинг на победата“, на кој се собраа илјадници негови приврзаници, новиот претседател на присутните им дал ран поглед на активностите што планира да ги преземе почнувајќи од денеска.

Тој рече дека ќе ги наведе главните контури на неговите имиграциски декрети во неговото инаугуративно обраќање. Трамп им рече на своите поддржувачи дека неговите извршни наредби ќе бидат „најрешителната и најсеопфатната акција за обновување на американските граници што светот некогаш ја видел“.

Аналитичарот на „Вашингтон пост“, Јуџин Робинсон, го нарекува првиот ден на функцијата на Трамп „врвот на второто златно доба“. Според авторот, вториот мандат на Трамп доаѓа со уште поголема концентрација на богатство и моќ.

„Некои граѓани ќе ја гледаат втората инаугурација на Доналд Трамп како славен нов почеток; други ќе ја гледаат како обесхрабрувачко повторно појавување на најлошите особини на нацијата. Многу коментатори со сигурност ќе заклучат дека овој невообичаено студен понеделник во Вашингтон ја определува последнава деценија, за добро или лошо, како ерата на Трамп. Но, историчарите може да погледнат на инаугурацијата на Трамп низ поширока призма: 20 јануари 2025 година, може „да биде запамтен како прогласување на Втората златна ера“, истакнува авторот.

Друг американски весник „Њујорк пост“ истакнува дека прославите за денешната инаугурација на Трамп како 47-ми претседател на САД започнале во саботата. Преместувањето на церемонијата во затворен простор – во ротондата на Капитол – поради лошите временски услови ќе остави илјадници луѓе со веќе купени билети и надвор од зградата на Конгресот и надвор од салата на Капитол 1, од каде што ќе биде ритуалот, прецизира изданието.

Ротондата може да прими само околу 2.000 луѓе – места кои ќе бидат претежно резервирани за членовите на Конгресот, владините претставници, членовите на семејството Трамп и елитата, додава Њујорк Пост, објаснувајќи дека Капитал 2 има капацитет од 20.000 седишта.

„Знам дека претседателот Трамп е разочаран што нема да можат да присуствуваат сите кои имаат билети за неговата церемонија, но се обложувам кога времето ќе се подобри, ќе имаме одлични митинзи“, рече републиканскиот член на Претставничкиот дом, Џеф Ван Дру во изјава за „Њујорк пост“.

Аналитичарот на британскиот весник „Индепендент“, Шон О’Грејди од своја страна, нагласува дека вториот мандат на Трамп во Белата куќа ќе биде „повторен кошмар“.

„Новоизбраниот американски претседател не само што ќе ја преземе функцијата по втор пат, туку ќе воспостави владеење на стравот под мотото „со злоба кон сите, милост кон никој“. „Не можеме да кажеме дека не сме предупредени“, напиша О’Грејди.

Тој верува дека глобалната политика ќе стане „понаметлива“ кога Трамп ќе ја преземе функцијата. „Со оглед на тоа што го доживеавме првиот пат, имаме прилично добра претстава за тоа какво ќе биде второто доаѓање на Доналд Џон Трамп: кошмар што се повторува“, резимира авторот во „Индипендент“.

Можете да прочитате

Папата Франциск го нарече „срамен“ планот на Трамп за депортирање имигранти

Почнува Светскиот економски форум во Давос

Во Кина погубени двајца мажи: едниот со автомобил убил 35 лица, другиот со нож осум