Утрински Весник
Свет

Западните медиуми го коментираат соборувањето на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад

20241209084403 Big 730x400 76.webp.webp

Соединетите Американски Држави изразија надеж за мирен трансфер на власта откако викендов беше соборен долгогодишниот сириски претседател Башар ал Асад, чиј режим се распадна под нападот на вооружената исламистичка бунтовничка група Хајат Тахрир ал-Шам, објави утрово „Вашингтон пост“. 

Изданието го цитира американскиот државен секретар Ентони Блинкен, кој во синоќешната изјава го осуди режимот на соборениот сириски претседател Башар ал Асад и рече дека САД го поддржуваат мирниот трансфер на власта на новата сириска влада преку процес предводен од Сирија.

Асад, кој владееше со Сирија со железна тупаница повеќе од две децении, вчера побегна во Русија, потсетува „Вашингтон пост“, цитирајќи руски државни медиуми.

Американскиот претседател Џо Бајден го опиша падот на Асад како „момент на историска можност“ за Сирија, растргната од повеќегодишна граѓанска војна. Сепак, тој додаде дека и ова е „момент на ризик и несигурност“. Вашингтон се обидува да помогне во стабилизирањето на новата власт во Сирија по паѓањето на режимот на претседателот Башар ал Асад, извршувајќи десетици воздушни напади против Исламска држава и набљудувајќи ги резервите на хемиско оружје во Сирија, забележува весникот.

„Њујорк тајмс“ пишува дека во последните денови САД со посредство на турската Влада водат тајно разговарале со бунтовничките групи кои го соборија режимот на Башар ал Асад. Целта на Вашингтон била да ги предупреди да се здружуваат со борците на Исламската држава, забележува изданието и наведува дека групите увериле дека немаат намера да дозволат терористичката организација да стане дел од нивното движење.

„Не треба да има сомнеж: нема да дозволиме Исламската држава да се опорави и да ја искористи моменталната ситуација во Сирија“, изјави генерал Мајкл Ерик Курила, шеф на американската Централна команда, која ги надгледува операциите во регионот. „Сите организации во Сирија треба да знаат дека ќе ги повикаме на одговорност доколку се поврзат или ја поддржуваат Исламската држава на кој било начин“, додаде тој.

Британскиот весник „Гардијан“ обрнува внимание на реакцијата за падот на режимот на Асад меѓу самите Сиријци. Народот во Сирија го прослави паѓањето на Башар ал Асад и се осмели да сонува за подобра иднина, откако петдецениското династичко владеење заврши ненадејно и неочекувано со бегството на диктаторот во Москва, забележува изданието.

Толпи луѓе вееја сириското револуционерно знаме и соборуваа статуи и портрети на претседателот и неговиот татко Хафез, додека вчера во Дамаск одекнуваа славенички пукотници и сирени од автомобили кога изненадувачкото напредување на бунтовниците стигна до главниот град.

На снимки и видеата на семејствата кои се обединија со одамна загубените блиски во темнината на озлогласениот затворски систем на режимот, луѓето плачеа, едни до други, неверувајќи во својата новопронајдена слобода. Други среќно ја опустошуваа претседателската палата, чудејќи се на изобилството на луксузни стоки и дизајнерски автомобили во земја каде што 90 отсто од населението живее под прагот на сиромаштија.

„Паѓањето на Башар Асад е сериозно назадување за Русија на Владимир Путин“, коментира францускиот весник „Монд“. Во попладневните часови од зградата на сириската амбасада во Москва беше отстрането знамето што го користеше режимот на Башар Асад, пишува изданието. Неколку часа подоцна, руските прес-служби го потврдија она што се шпекулираше од неговиот пад во саботата навечер. Сирискиот лидер и неговото семејство се во Москва и добија политички азил од руските власти.

Значи, Кремљ мора да се соочи со фактите: со ненадејниот пад на својот долгогодишен сојузник, тој е поставен пред совршен факт. Но, верен на неговиот принцип „никогаш не ги напуштај своите“, тој му понуди засолниште на соборениот диктатор. „Асад и членовите на неговото семејство пристигнаа во Москва. Од хуманитарни причини Русија им даде азил“, се вели во соопштението на Кремљ, цитирано од изданието.

Башар ал Асад, кој ја посети Москва пред само неколку дена по заземањето на Алепо на 30 ноември, не се појави во јавноста. Не коментираше и претседателот Владимир Путин, пишува „Монд“ и ја цитира изјавата на портпаролката на руското МНР, Марија Захарова: „Асад одлучи да се откаже од претседателската функција и ја напушти земјата со инструкции за мирен трансфер на власта. 

Украинското издание „Киев Индепендент“ се повикува на публикација на украинското воено разузнавање, според која, Русија почнала да ги повлекува своите поморски сили и воени средства од Сирија поради падот на режимот на претседателот Башар Асад. Повлекувањето доаѓа додека бунтовниците кои напредуваат од Дамаск се движат кон крајбрежните провинции во Сирија, вклучувајќи ги Латакија, Хама и Тартус, каде што се наоѓаат руските воени бази.

Руската армија повлече два брода – фрегатата „Адмирал Григорович“ и товарниот брод „Ингениер Трубин“ – од својата поморска база во Тартус, додека руските воени авиони пренесуваат оружје и опрема од воздухопловната база Хмејмим, се наведува во изданието.

Загубата на базите во Тартус и Хмеимим е значаен удар за присуството на Русија на Блискиот Исток и ќе го зацементира нејзиниот пораз во регионот, забележува „Киев Индипендент“.

Можете да прочитате

Ужас: Таткото и маќеата брутално ја убиле малата Сара – На телото пронајдени 70 повреди

Паднаа Фејсбук, Инстаграм и Ватсап – Корисниците ширум светот пријавуваат проблеми

Македонски државјани со оружје се заканувале на Романци во Велс – полицијата ги уапси