Утрински Весник
Македонија

Законите за судска и јавнообвинителска служба поминаа во прво читање, следуваат јавни расправи

51.jpg

Собраниските комисии за политички систем и односи меѓу заедниците и Законодавно-правната комисија во прво читање ги поддржаа Предлог-законот за судска служба и Предлог-законот за јавнообвинителска служба, кои претставуваат дел од клучниот реформски пакет за зајакнување на независноста, професионалноста и ефикасноста на правосудството.

Двата закона се подготвени во рамки на обврските утврдени во Реформската агенда и Развојната секторска стратегија за правосудство 2024–2028 и имаат за цел да создадат современ и функционален систем за управување со човечките ресурси во судовите и јавните обвинителства.


Меѓу најзначајните новини се издвојуваат:

• Воспоставување посебен статус на судските и јавнообвинителските службеници како посебни административни службеници, со што се признава специфичноста на нивната работа и се напушта моделот преземен од општиот систем на административни службеници;

• Нов систем за вработување и унапредување, прилагоден на потребите на судовите и јавните обвинителства, кој обезбедува избор на најстручни и најквалитетни кадри;

• Воспоставување реален кариерен развој и можности за напредување во рамки на службата, особено за стручните кадри и правниците;

• Зајакнување на кадровската автономија и намалување на зависноста од извршната власт при планирањето на вработувањата;

• Нов систем на пресметка на платите со кој зголемувањата обезбедени преку колективните договори стануваат составен дел од основната плата;

• Зајакнување на дисциплинската одговорност, интегритетот и механизмите за заштита на правата на вработените;

• Подобро уредување на статусот на судската полиција и другите категории вработени во правосудните институции.

Заменик министерот за правда Ален Деребан истакна дека донесувањето на овие закони претставува важен чекор кон создавање стабилна и професионална правосудна администрација.

„Со овие законски решенија за првпат воспоставуваме систем кој ја препознава специфичноста на работата на судските и јавнообвинителските службеници. Создаваме услови за професионален развој, правично вреднување на трудот, поголема институционална независност и поефикасно функционирање на судовите и јавните обвинителства. Нашата цел е силни институции поддржани од стручна и мотивирана служба која ќе придонесе за поквалитетни услуги за граѓаните и зајакната доверба во правосудниот систем”, изјави Деребан.

Во следната фаза од собраниската постапка ќе бидат организирани јавни расправи на кои ќе учествуваат претставници на судската и јавнообвинителската служба, институциите, стручната јавност, академската заедница и граѓанскиот сектор, со цел дополнително унапредување на предложените законски решенија преку инклузивен и транспарентен дијалог.

Предлог-законите се финансиски одржливи и нивната примена не предизвикува дополнителни буџетски импликации над веќе планираните средства.

Можете да прочитате

Маж од Кратово со нож прободел полицаец

Уапсени 18 возачи за „безобѕирно управување возило“, 17 возеле без возачка дозвола и еден под дејство на алкохол

На 21 октомври во Куманово започнуваат „Вински Приказни“ – ново патувачко винско доживување