Поради врнежи од снег забрани за сообраќај за тешки товарни возила има на планинските превои Стража, Ѓавато и Маврово, информира АМСМ.
Од 07:50 часот утрово сообраќајот на магистралниот пат А2 Охрид -Кичево, односно планинскиот превој Пресека и обратно e нормализиран за тешки товарни возила.
На патниот правец Тетово – Попова Шапка е зaдолжително користење на зимска опрема (ланци).
Сообраќајот на државните патишта се одвива тековно во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурни екипи на Македонија Пат.
Снег со слаб интензитет провејува низ цела западна Македонија,додека во останатите делови врнежите се од дожд.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Од Управата за хидрометеролошки работи информираат дека врнежите од дожд и снег ќе продолжат и во текот на денешниот ден. Во западните и јужните делови ќе бидат пообилни каде ќе наврнат над 30 l/m2. На планините и на повисоките места, претежно во западните делови врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Максималната температура ќе достигне од 2 до 7 степени.
Во Скопје, слично време со врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни, а во повисоките делови од котлината од дожд и снег. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Максималната температура ќе достигне до 5 степени.
Најмногу снег има наврнато во Маврови Анови (61 сантиметар), а снег има и во Крушево, Попова Шапка, Дебар, Претор, Берово и Битола. Најмногу дожд во последните 24 часа има наврнато во Демир Капија (127 литри на метар квадратен).