
Помошник-директор на Царинската управа е приведен откако кај него биле пронајдени обележани парични средства во износ од 17.500 евра, соопшти Јавното обвинителство.
Акцијата била спроведена под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, а во неа учествувале полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР.
Според првичните сознанија на Обвинителството, парите наводно биле побарани како поткуп.
Сомнежите се дека функционерот требало да го употреби своето реално влијание во две постапки што се воделе пред Царинската управа и наводно да помогне во нивното решавање.
При акцијата кај помошник-директорот биле пронајдени обележани 17.500 евра, по што тој бил приведен.
Од Обвинителството најавија дека повеќе детали за случајот, околностите под кои биле побарани парите, како и за понатамошната постапка, ќе бидат соопштени во текот на утрешниот ден.



