Утрински Весник
Македонија

За три месеци седум деца заболени од туберкулоза, најмалото има една година

Lekar.jpg
Ss2

Расте бројот на деца кои заболуваат од туберкулоза. По повод Светскиот ден на туберкулозата – 24 Март, од Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата во Козле за Мета.мк велат дека има тренд на пораст на бројот на заболени. На оваа клиника се наоѓа единствениот оддел во државата каде што се дијгностицира и третира туберкулоза кај децата.

Доц. д-р Катерина Бошковска, педијатар и пулмолог од оваа клиника вели дека во 2020 година имало 12 евидентирани случаи, во 2021 – 5, во 2022 година девет деца заболеле од оваа болест, а во 2023 е евидентирана е највисока бројка од дури 20 заболени деца.

Ss1

„Во 2024 година, односно за овие три месеци од календарската година, имаме 7 случаи. Во минатото, во просек сме имале по 10 случаи годишно. Македонија спаѓа во земја со ниска стапка на случаи со туберкулоза, но во пост-ковид годините, дојдоа до израз сите болести, бидејќи за време на пандемијата не се дијагностицираа доволно“, вели д-р Бошковска.

Болеста кај децата се лекува со антитуберкулозна терапија, а лекувањето трае најмалку шест месеци. Во првите два месеца, кога болеста е во иницијална фаза, се примаат 3 или 4 лекови, а потоа уште четири месеци се лекува со два лека.

„Најмладиот пациент кој во моментов е хоспитализиран кај нас има една година. Инаку, симптомите вклучуваат покачена телесна температура, ноќни потења, слабеење. Најчесто ни доаѓаат деца кои подолго време имале контакт со возрасни кои боледуваат од туберкулоза. Децата лежат кај нас во болница најмногу до еден месец, а потоа лекувањето продолжува дома, а терапијата е таблетарна“, информира докторката.

БСЖ вакцината штити од болеста 

Како што појаснува д-р Бошковска, постои БСЖ вакцина која се дава на новороденчињата уште во родилиштата и засега е добар опфатот на вакцинација.

„Има мајки кои бараат нивното бебе да не ја прими вакцината по раѓање, но сепак тоа не е толку изразено како што е случај кај другите вакцини. Од 2015 година се укинати ревакцините за туберколоза. Сепак, наша препорака е да се врати барем првата доза во второ одделение, но тоа засега не е усвоено како одлука“, вели д-р Бошковска.

Штом има деца болни од туберкулоза, тоа значи дека има и возрасни бидејќи возрасните ја пренесуваат болеста на децата. Болеста се дијагностицира по пат на рентгеолошки, имунолошки и микробиолошки иследувања.

„Ако има возрасен болен во семејството, а во истото семејство има и деца, треба да ги упатат кај нас за да може навреме да се откриваат контактите. Добро е да знаат возрасните дека тоа е болест која се лекува, тоа не треба да е табу тема, тоа е болест која не се пренесува лесно“, апелира докторката.

Меѓу заболените возрасни доминираат најработоспособните 

Од вкупно 160 пријавени случаи за 2023 година, 97,5 отсто се родени во нашата земја, 111 (69.4%) се машки пол, 49 (30.6%) се женски пол. Од вкупниот број на заболени, 20 се деца (возрасна група од 0-14 години). Во бројките доминира најработно-способната возрасна група.

Д-р Сеад Зејнел, директорот на Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза, потсетува дека без разлика на социо-демографските карактеристики, секој може да заболи од туберкулоза.

„Сепак, одредени групи на лица се со зголемен ризик да заболат од истата, а тоа се: лица кои биле во непосреден контакт со болен од туберкулоза (членови на семејството, особено децата под 5 годишна возраст), лица кои живеат со ХИВ, лица кои живеат во затворени колективи (прифатилишта за мигранти и бездомни лица, затворите, психијатриски одделенија), лица кои живеат со материјални средства под границата на сиромаштијата, хронични болни со намален имунитет (болни со дијабет, болни на имуносупресивна терапија, болни од малигни заболувања)“, вели д-р Зејнел.

Затворениците под посебен ризик

Во нашата земја, додава д-р Зејнел, според ситуационата анализа и одредувањето на приоритетите на овој здравствен проблем, како ризични групи, под број еден се идентифицирани оние популации во затворените институции каде имаме долг претстој во затворен простор, како што се казнено-поправните установи (затворите) и психијатриските болници.

„Заради повеќе директни и индиректи контрибутивни фактори, истите се сметаат за потенцијални жаришта на туберкулозата со можност за прелевање и во општата популација поради што сите наши интервенции на активното откривање на случаите се насочени кон овие ризични групи, со редовни годишни скрининг активности, дополнителни испитувања, како и близок контакт со соодветните институции заради континуирано подобрување на нашите заеднички активности. Понатаму, како дел од активното откривање на случаите, секогаш стоиме на располагање да извршиме скрининг со радиофотографирање со помош на нашата мобилна клиника (флуоробус) во прифатилиштата за бездомните лица, како и спорадични теренски акции воприфатилиштата за мигранти и бегалци, каде сме секогаш достапни на повик од интернационалните организации кои се грижат за оваа, исто така вулнерабилна популација“, појаснува директорот.

Потребата од дејствување против болеста е голема

За да може повторно да се воспостави контролата врз туберкулозата како пред пандемијата, потребни се интензивирани напори подржани со повеќе финансии и мултисекторски пристап кој ги адресира сите детерминанти на туберкулозата, како што се сиромаштијата, потхранетоста, ХИВ инфекцијата, пушењето и дијабетесот.
Потребата од дејствување е уште поголема токму поради светската економска криза, поради која се влошуваат пошироките детерминанти на туберкулозата, како што се домашниот приход и потхранетоста. Луѓето со неухранетост се 3 пати повеќе изложени на ризик.

„Кампањите за промоција на здравјето, издигнувањето на свесноста на граѓаните за туберкулозата се интервенции кои покажале значителни резултати, како во превенцијата на болеста, така и во борбата против стигмата, која што воедно е еден од предизвиците кои ги отежнуваат нашите напори. Во сузбивањето на стигмата ние како здравствените работници треба да имаме главна улога, каде во нашиот јавен и научен дискурс потребно е да негуваме јазик кој го почитува достоинството на заболените од туберкулоза“, смета д-р Зејнел.

Од 2007 до 2019 година сме имале континуиран пад на бројот на заболени 

Од 2007 до 2019 година, РС Македониија имаше континуиран пад на бројот на новозаболени со туберкулоза. Од 2019 година, земјата припаѓа во групата на земји со ниска инциденца, кои имаат помалку од 10 случаи на 100.000 жители.

„Меѓутоа, прогресот за ставање на крај на туберкулозата постигнат во светски рамки, како и кај нас во голема мера беше компромитиран од страна на ковид пандемјата. Во 2019 година имавме 199 новооктриени случаи, веќе во првата година од пандемијата (2020) имавме 148, потоа во 2021 беа пријавени 146, во 2022 пријавени 144 и минатата година (2023) ја завршивме со 160 пријавени случаи“, информира д-р Зејнел.

Овој пад на бројките на новооткриени случаи во годините на ковид-19 пандемијата е очигледен и непосреден ефект на самата ковид-10 пандемија, кој може да се протолкува како нарушување на контролата на туберкулозата и зголемување на јазот помеѓу регистрираните болни и реалната бројка.

„Овие бројки кореспондираат и со светските статистики, каде на преминот од 2019 во 2020 година, бројот на регистрирани болни се намалил токму за 25 отсто. Вкупниот број на новооткриени случаи за 2023 година е помал од 2019 година, а благо поголем од трите години на пандемијата (2020-2022) што значи дека јазот помеѓу пријавените случаи и реалната бројка се стеснува, што е цел на нашите напори во борбата против туберкулозата“, вели д-р Зејнел.

Кашлица, ноќно потење, замор… 

Tуберкулозата е предизвикана од бактериja (Mycobacterium tuberculosis) и најчесто ги погодува белите дробови. Таа се шири низ воздухот кога луѓето со белодробна туберкулоза кашлаат, киваат или плукаат. Човек треба да вдиши за да се зарази.

Симптомите се постојана кашлица која трае повеќе од три недели (можно е да се искашлува и крв), губење тежина, ноќно потење, висока температура (треска), замор, губење на апетит.

Според последната евденција на Светската здравствена организација (СЗО), секоја година 10 милиони луѓе во светот заболуваат од туберкулоза (ТБ). И покрај тоа што е болест што може да се спречи и може да се излечи, 1,5 милиони луѓе умираат од ТБ секоја година, што ја прави заразен „убиец“.

Повеќето од луѓето кои се разболуваат од оваа болест живеат во земји со низок и среден приход, иако е присутна насекаде низ светот. Околу половина од сите луѓе со туберколоза може да се најдат во осум земји: Бангладеш, Кина, Индија, Индонезија, Нигерија, Пакистан, Филипини и Јужна Африка.

Се проценува дека околу една четвртина од глобалната популација била заразена со бактерија на болеста, но повеќето луѓе не продлжуваат да развиваат туберкулоза, а некои ќе ја исчистат инфекцијата. Оние кои се заразени но (сè уште) не се болни од болеста, не можат да ја пренесат. Луѓето со компромитиран имунолошки систем, како што се луѓето кои живеат со ХИВ, неухранетост или дијабетес, или пак, луѓето кои користат тутун, се во поголем ризик да се разболат.  (Мета)

Ss1

Можете да прочитате

Ахмети му порача на Мицкоски да внимава што зборува !

Ковачки и ВМРО-ДПМНЕ ја промашија изборната единица, дали знаат кој кандидат е носител на ИЕ 2?

Пендаровски доминира на мастер дебатата на МТВ