Утрински Весник
Спорт

За прв пат во историјата четири играчи ќе ги бранат боите на Македонија на Европско првенство во билијард

Reprezentacija 2024.jpg

Рапидниот развој на билијардските спортови, како на светско, така и на локално ниво, ќе се огледа и во фактот дека за прв пат ќе има четири македонски претставници на Европското првенство оваа година.

Билијард федерацијата на Македонија на прес конференција ги претстави учесниците кои ќе патуваат за Потчетртек во Словенија, при што беше подвлечено дека станува збор за настап во три различни конкуренции.

– Христо Василевски од клубот „Лонгони“ од Битола, како актуелен државен првак во најсилната сениорска конкуренција, минатава година се наметна со убедливите резултати и располага со огромен потенцијал, поради што верувам дека може да направи изненадување и биде незгоден ривал за фаворизираните имиња со долг стаж. Истовремено, ќе имаме претставник во сениорска конкуренција во категоријата „спортисти со хендикеп“, каде што еден од првите петмина во македонската „Б“ дивизија, Владимир Ѓоргиоски од Здружението на билијард играчи – Прилеп, ќe добие шанса да ги одмери силите со ривалите од Европа. Другите двајца патници се младинците Андреј Ѓурчиновски (Гран Клуб) и Илија Димовски (Лонгони), кои и минатата година играа во конкуренција на младинци, поточно во конкуренција на играчи до 17 и 19 години. Андреј иако е младинец, во моментов е водечки во „А“ дивизијата од државното првенство, а и Илија исто така е втор најадобар младинец и игра во „А“ дивизијата,- рече селекторот Горан Ѓурчиновски.

– Од мое лично искуство, психичката подготовка е на прво место. Во сите индивидуални спортови, а особено во билијардот, е битно секој да ја игра својата игра, да биде свој на маса, односно на противникот да му остане само да чека грешка. Секако тренинг за подобрување на техниката, но исто така и кондиционен тренинг, но соодветна исхрана и одмор. Ќе има посебна тежина бидејќи за прв пат ќе играм под знамето на Македонија. Можеби ќе има трема, тоа е очекувано, но сите знаеме дека е потребно време за тоа да се надмине, но свесни сме за тоа и подготвени сме да го дадеме максимумот,- изјави Христо Василевски.

– Секако дека искуството е едно од најбитните нешта, но не само на Европски првенство туку и наза големите регионални и опен турнири. Сепак, самодовербата која произлегува од играта што еден играч ја прикажува во текот на денот мислам дека ќе биде клучен фактор. Трема има секој, но спортот бара голем фокус и концентрација, а тоа се должи на други фактори. Сметаме дека располагаме со доволно знаење, но и мотивација за тоа да го демонстрираме на овој настан. Се надеваме на пласман во првата половина на табелата, а ако се укаже шанса, и за повисоко,- рече Владимир Ѓорѓиоски.

Агенцијата за млади и спорт е најголемиот поддржувач на билијард репрезентативците, но исто така беше искажана благодарност кон македонските билијард клубови организираа донаторски турнири со цел да ги помогнат репрезентативците, а дополнително била добиена и поддршка од компанијата Иуте.

Први ќе настапат сениорите Василевски и Ѓоргиоски, кои започнуваат со мечевите на шести и седми јули, додека младинците ќе играат на своите турнири петнаесетина дена подоцна.

Можете да прочитате

Родри ги провоцира Англичаните. Мората го потсети каде игра, тој му одговори дека не му е гајле

Меси: Наскоро ќе се вратам на терените

Македонските ракометари ја совладаа Полска на младинското ЕП