
За околу 500 евра, споменичкиот комплекс „Македониум“ во Крушево бил отстапен за снимање музички спот на косовскиот рапер Дон Џони.

Од Историскиот музеј во Крушево потврдуваат дека продукцијата претходно доставила барање за користење на просторот, по што снимањето било одобрено.
Директорот на музејот, Миха Оџаклиески, вели дека Управниот одбор има донесено одлука според која просторот може да се отстапува за снимање со соодветен паричен надомест.
„Просторот беше отстапен за снимање спот. И на Управен одбор имаме донесено одлука да може просторот да се отстапува со соодветна цена, се наплатува. Тие имаа доставено до нас објаснување дека просторот ќе се користи за снимање спот“, изјави Оџаклиески.
Според него, висината на надоместокот се утврдува во зависност од времетраењето на користењето на просторот. Во конкретниот случај станувало збор за околу 500 евра за пет до шест часа снимање.
„Немаме точно оформена цена, се отстапува на саати, на пример околу 500 евра за 5-6 саати“, посочи директорот.
Сепак, од Управата за заштита на културното наследство велат дека до нив не било доставено барање за дозвола за снимањето.
Директорката на Управата, Весела Честоева, посочува дека до институцијата често пристигнуваат барања за снимање емисии, музички спотови и други содржини во објекти кои се под заштита, а тие се разгледуваат согласно условите и намената.
„Македониум“ има посебно историско и културно значење, а во неговиот комплекс се наоѓа и гробот на Никола Карев, претседател на Крушевската Република за време на Илинденското востание во 1903 година.
Споменичкиот комплекс е дело на Јордан и Искра Грабулоски и бил отворен на 2 август 1974 година. Посветен е на Илинденското востание и Народноослободителната борба, а неговата препознатлива архитектура низ годините привлекува внимание и од странски медиуми и љубители на архитектурата.
Ова не е првпат „Македониум“ да биде локација за музички проект. Минатата година македонската група „Некст тајм“ го објави проектот „Македониум“, снимен на истоимената локација.
Прашањето за користењето на комплексот за комерцијални снимања се отвора во период кога „Македониум“ се соочува и со проблеми со неговата физичка состојба. Изминатото лето на делови од комплексот беше поставена метална конструкција како привремена заштита поради долгогодишното протекување.

Од Заводот и музеј – Прилеп тогаш посочија дека станува збор за привремено решение, додека од Управата за заштита на културното наследство соопштија дека за поставувањето на металните решетки не била издадена дозвола и најавија инспекциски надзор.

