Утрински Весник
Македонија

Вработените во здравството од овој месец ќе имаат поголеми плати – синдикатите се договорија со Владата

Sindikati Na Zdravstvo So Mickoski.jpg

Од Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита велат дека се работи за корекција на коефициентите од 0,233, што во превод значи повисока бруто-плата за сите вработени од околу 3 650 денари или 2 450 денари во нето-износ.

Вработените во здравството со ноемвриската плата ќе добијат покачување од 2 450 денари во нето-износ. Ова е дел од договорот што двата репрезентативни синдикати во здравството го договорија на денешната средба со премиерот Христијан Мицкоски.

Љубиша Каранфиловски, претседател на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, рече дека успеале да реализираат потпишување на анекс на колективниот договор за здравствена дејност.

„Со овој анекс на колективниот договор успеавме да ги коригираме коефициентите на вработените во здравството. Се работи за корекција на коефициентите од 0,233 кој во превод значи повисока бруто плата за сите вработени од околу 3 650 денари или 2 450 денари во нето износ. Уште подобрата придобивка во делот на овој анекс е корекција на платите од 0,364 за медицинските сестри со средно образование и останатиот средно-медицински кадар што значи 5 700 денари во бруто или 3 850 денари во нето износ“,рече Каранфиловски на прес-конференцијата по средбата со Мицкоски.

Предраг Серафимовски, претседател на Самостојниот синдикат на Клинички центар, за денешниот договор вели дека е резултат на долгите преговори и конструктивен дијалог.

„Сите покачувања се резултат на напорната работа на двата репрезентативни синдикати и заедно со Владата претставуваат одговор на барањата за подобри услови. Договореното покачување на платите ќе значи директна корист за сите што се вклучени во здравствениот систем“, рече Серафимовски.

Премиерот Христијан Мицкоски рече дека покрај овие коефициенти што би значело зголемување за 10 проценти на паричната маса што се издвојува за плати, веќе следната година во март ќе има зголемување од дополнителни пет проценти. Следно покачување, како што рече Мицкоски, ќе биде во 2026 година и тоа ќе биде за пет до седум отсто, а за толку зголемување на паричната маса ќе има и во 2027 година. Во 2028 година зголемувањето се очекува да биде од седум до 10 отсто.

„Кога ќе го земете целиот овој период во низа добиваме зголемување на паричната маса потреба за да се исплатат платите на здравствените работници за целиот период помеѓу 40 и 50 проценти“, Мицкоски.

Првото покачување со коефициентите, како што рече тој, ќе биде од овој месец, но во текот на овие денови работна група што е составена од пет лица од Фондот и од Министерството за здравство ќе треба да го усогласи овој анекс.

Можете да прочитате

Поради немање кворум, одложен изборот на Христовски за асистент

Доцнат повеќе социјални додатоци, граѓаните гневни чекаат по банките, надлежните повикуваат на разбирање

Скоро половина метар снег на Скијачките центри, а најтопло во Гевгелија со 15 степени