Утрински Весник
Македонија

Возач удрил 11 годишно девојче во Капиштец, па избегал – полицијата го пронајде

Policijanokje.jpg

Полицијата го идентификуваше и го пронајде возачот кој на 16 март со автомобил удри 11-годишно девојче на улицата „Васил Ѓоргов“ во Скопје, а потоа избегал од местото на несреќата. Станува збор за С.Б. од Скопје, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Според информациите од МВР, случајот бил пријавен во 16:10 часот од Ургентниот центар во комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде што малолетното девојче било донесено со тешки телесни повреди.


Првичните сознанија укажуваат дека сообраќајната незгода се случила околу 13:20 часот на крстосницата меѓу улицата „Васил Ѓоргов“, сервисната улица и улицата „Народен Фронт“, кога патничко возило удрило во девојчето, по што возачот веднаш го напуштил местото.

По преземени оперативни мерки и активности, полицијата успеала да го лоцира и идентификува возачот.

Од МВР информираат дека против С.Б. СВР Скопје ќе поднесе кривична пријава по член 300 од Кривичниот законик, за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, како и по член 301, за неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода.

Надлежните повторно апелираат до сите учесници во сообраќајот на поголема внимателност и одговорност, особено кога станува збор за безбедноста на пешаците и децата.

Можете да прочитате

Во Нов Дојран пронајдена неексплодирана граната од Првата светска војна

Приведени 10 возачи, четворица без дозвола, еден во спротивна насока, еден со активна забрана

Кривична за возач на автобус, неовластено снимал во кругот на тетовската касарна