Откриено е во кој месец на HBO Max доаѓа втората сезона на „Куќата на змејот“ (House of the Dragon), спин-офот на популарната серија „Играта на престолот“, базирана на книгата „Огин и крв“од Џорџ Р.Р. Мартин.
Како што е соопштено од „Дедлајн“, лидерот за стриминг и игри на Warner Bros Discovery Џеј Би Перета откри дека серијата ќе има премиера во јуни 2024 година, но не спомна датум. Тој ја откри оваа информација за време на интервјуто на конференцијата за технологија, медиуми и телекомуникации на Морган Стенли, што се одржа во понеделникот.
Да потсетиме, втората сезона на „Куќата на змејот“ ќе го прикаже почетокот на крвавата војна меѓу престолонаследничката Ренира Таргариен и нејзиниот помлад полубрат Егон II. Таргариен. Во првиот тизер, кој беше објавен на крајот на минатата година, гледачите видоа неколку напнати кадри кои ја најавуваат сезоната полна со акција.
„Ниту една војна не е толку омразена за боговите како војната меѓу роднините“, вели Ренира во тизерот. Нејзината тетка и сојузник Ренис Таргариен додава: „Ниту една војна не е покрвава од војната меѓу змејови“.