Шест лица беа повредени за време на последното трчање на биковите на Денот на свети Фирмино во Памплона, северна Шпанија, со што вкупниот број на повреди се искачи на 35 на годинешниот фестивал, кој привлекува туристи од целиот свет.
Последната трка, која траеше нешто повеќе од две минути, заврши со пет лица хоспитализирани, но ниту една од повредите не е резултат на удар од рогови, изјави портпаролката на Универзитетската болница во Навара.
Меѓу хоспитализираните, две лица се тешко повредени, додаде таа, едното добило модринка на градниот кош, а другото повреда на главата, додаде Марта Мартин.
Црвениот крст соопшти дека шестиот тркач добил медицинска помош во амбулантата во арената во Памплона. Најнеобична е повредата на 58-годишен Холанѓанец, кој добил мала расеченица на тестисите од удар со рог.
На прославата на свети Фирмино, што секоја година се одржува од 6 до 15 јули, стотина тркачи во бели маици или кошули и со црвени марами на главите секое утро во 8 часот во текот на осум дена се обидуваат да дојдат што е можно поблиску до шесте бика за борба на тркачката патека долга 850 метри низ тесните градски улици до арената.
Трката, овековечена од Ернест Хемингвеј во неговиот роман „Сонцето повторно изгрева“ од 1926 година, привлекува туристи од целиот свет.
Секоја година десетици луѓе се повредени и убиени во трчањето на биковите.
Од 1911 година, кога почна да се води статистика, животот го загубија најмалку 16 луѓе. Последната жртва падна во 2009 година кога бик на своите рогови наби 27-годишен Шпанец.