Во Србија новинарите се изложени на заплашување и притисок, законот им овозможува на државните компании да купуваат приватни медиуми и со тоа да ги национализираат, а Србија се уште само делумно ја декриминализираше клеветата, соопшти денеска Советот на Европа.
Во годишниот извештај за 2024 година што го составува партнерската организација Совет на Европа, Платформата за промоција на новинарската заштита и безбедноста на новинарите, се наведува дека минатата година беше одбележана со незаконска употреба на шпионски софтвер против новинари и злонамерни СЛАП тужби насочени во спречувањето на истражувачкото новинарство и правото на јавноста да знае.
Меѓу главните причини за загриженост беше многу несигурната и неизвесна ситуација на многу новинари во егзил, особено оние од Русија и Белорусија.
Така, иако во 2023 година е забележан малку помал број, 285, на сериозни закани и насилни напади врз новинарите и слободата на медиумите отколку во 2022 година, кога изнесуваше 289, истражувањето на Платформата укажува на диверзификацијата на заканите и зголемените ограничувања под кои новинарите ја извршуваат својата работа.
Минатата година официјално биле пријавени 41 физички напад или напад врз интегритетот на новинарите, а меѓу тие случаи, три биле во Србија.
Украинските територии окупирани од Русија и Украина водат со 11 случаи, потоа Франција и Италија со по четири и Турција и Србија со по три.
Редовна појава се и заплашувањето и малтретирањето на новинарите, лани ги имало 68, што е најголем број во Русија.
Кога станува збор за таканаречените СЛАП тужби кои имаат за цел да го исклучат учеството на јавноста и ширењето на информации, во извештајот се споменува тужба поднесена од градоначалникот на Белград Александар Шапиќ против Балканската истражувачка мрежа Бирн, која објави дека не пријавил имот во вредност од 820.000 евра.
Во извештајот се наведува дека во Србија новиот закон „им овозможува на државните компании да купуваат медиуми како индиректна форма на национализација“.
„Законот го легализираше медиумскиот имот на Телеком, кој го стекна спротивно на законот од 2014 година. Тој закон го отвора патот државата дополнително директно да ги преземе приватните медиуми“, се наведува во извештајот.
Како причина за загриженост, во извештајот се наведува порастот на тензиите во Косово, кое, како што се наведува, не е членка на Советот на Европа. Сепак, Здружението на новинари на Косово објави 63 случаи на напади или инциденти минатата година, од кои 30 се случиле на северот на Косово.
Во извештајот се наведува дека од 1990 година, процесот на укинување на законите со кои клеветата се дефинира како кривично дело е забрзан, како дел од кампањата „Новинарството не е злосторство“. Во 2023 година, 13 земји се приклучија на групата членки на Советот на Европа кои целосно ја елиминираа клеветата како кривично дело. Меѓу земјите кои делумно го направија тоа, заедно со Бугарија, Кипар и Литванија, е и Србија.