Утрински Весник
Свет

Во Пула уапсен украински нуркач осомничен за саботажата на „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“

20260819154249 big 730x400 6.webp.webp

Германското сојузно обвинителство соопшти дека утрово во Пула е уапсен украински државјанин осомничен за нападите врз гасоводите „Северен тек“ во Балтичкото Море.

Во соопштението на германското сојузно обвинителство осомничениот е идентификуван како Владимир З., а се наведува дека го уапсиле локалните полициски сили во Пула, постапувајќи по европски налог за апсење.

Тој е под сериозно сомнение дека учествувал во заедничко предизвикување експлозии, противуставна саботажа и уништување објекти и постројки.

Ова е вториот уапсен осомничен за нападите врз „Северен тек“.

Владимир З. е обучен нуркач на здив и бил дел од групата околу одделно обвинетиот Сергиј К. којашто поставила експлозив на гасоводите „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“ во близина на островот Борнхолм во септември 2022 година. Според обвинителството, осомничениот учествувал во неопходните нуркања.

За таа цел, тој и неговите соучесници отпатувале од Росток со едрилица.

Посредници претходно ја изнајмиле јахтата од германска компанија со користење фалсификувани лични документи. Експлозивот бил активиран на 26 септември 2022 година, при што беа предизвикани значителни оштетувања на двата гасовода.

По екстрадицијата од Хрватска, осомничениот ќе биде изведен пред истражен судија на Сојузниот суд на правдата.

Германското сојузно обвинителство на 30 јуни 2026 година поднесе обвинение против Сергиј К. пред судот во Хамбург.

Можете да прочитате

НАТО изрази подготвеност да одговори на каква било закана по информациите дека Иран размислува да нападне американски воени цели во Европа

Русија и Украина извршија размена на заробеници

Мечка убила жена во Русија