Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, е убеден дека правосудниот испит на синот на Талат Џафери, Барлет, кој го положил пред да заврши соодветно образование, може да се поништи.
„Доколку е стекнат документ на незаконит начин, без завршен факултет, тој е ништовен и истиот може да му се поништи на Џафери јуниор. Она што го гледаме кај колегите од Алијанса, нивниот пристап не е да го поништат, туку преку министерство за Правда да стигнат до нови 30 решенија за правосуден испит за да можат нивни луѓе да си постават како дел од овие функции, рече тој.
Според него, од првиот ден ќе се види дали со влезот на партијата Алијанса за Албанците постои желба за подобрување на правото.
„Граѓаните сметаат дека нема демократија во државата, таа се замени со „дуикратија“, зошто така имаш статус, имаш хонорари за твојот близок, а можеш и без правосуден испит да влезеш во Академијата за судии и јавни обвинители“, додаде тој на денешната собраниска седница.
Во јавноста имаше бројни реакции откако синот на собранискиот спикер Талат Џафери успеа да влезе во Академијата за судии и јавни обвинители, а сега се најде и на список како еден од идните обвинители на државата.