Утрински Весник
Балкан

Во Бугарија утре ден на жалост по смртта на 11 лица во верижните сообраќајни несреќи на „Тракија“

20261110142928 big 730x400 20.webp.webp

Министерскиот совет на Бугарија утре, 11 ноември,  го прогласи ден на жалост во спомен на загинатите во двете верижни сообраќајни несреќи на автопатот „Тракија“ – изјави премиерот Румен Радев пред новинарите на местото на несреќите, пренесува БТА.

Две тешки верижни сообраќајни несреќи се случија денеска при густа магла на автопатот „Тракија“, во близина на патниот јазол „Зимница“, недалеку од Јамбол. Најмалку 11 лица загинаа, а речиси 50 се повредени во несреќите во кои учествувале вкупно 86 возила. Според податоците на Министерството за здравство, до 11:30 часот, 10 лица загинале на местото на несреќата, а едно починало во болница во Јамбол.


Министерката за здравство Катја Ивкова изјави дека вкупно 51 лице се пренесени во здравствени установи во Сливен, Јамбол и Бургас. Ивкова, која заедно со премиерот Радев, министерот за внатрешни работи Иван Демерџиев и министерот за одбрана Димитар Стојанов ја посети локацијата, прецизираше дека најголем број од повредените – вкупно 33 – се пренесени во Сливен, 11 се во Јамбол, а седум во Бургас. Вкупно 13 пациенти се тешко повредени, а еден од нив во моментов е подложен на сложена операција во Бургас.

Министерот за внатрешни работи Иван Демерџиев на брифингот пред медиумите на местото на инцидентите најави дека девет истражители се очекува да пристигнат на автопатот за да извршат увид, при што ќе бидат испитани и хоризонталната патна сигнализација и асфалтот. Според него, причините за несреќите се повеќекратни.

– Она што е сигурно е дека видливоста пред несреќата била од 70 до 80 метри. Маглата нагло се згуснала, а автомобилите во коловозната лента во правец кон Бургас се насобрале исклучително брзо. Од другата страна, најверојатната причина за несреќата е забавеното движење на возилата, чии возачи ја намалиле брзината за да видат што се случува – посочи Демерџиев.

Тој додаде дека полицајците ги изнесувале повредените на раце, со носилки, бидејќи немало пристап до централниот дел на местото на несреќата, и истакна дека штом Националната истражна служба (НСлС) го заврши увидот, надлежните се подготвени да почнат со расчистување на автопатот.

Демерџиев нагласи дека не постои поврзаност меѓу камерите на Агенцијата за патна инфраструктура и сообраќајната полиција, како и дека нема информативни табли што би се поставиле на носечките конструкции и би обезбедувале актуелни информации, додавајќи дека предвидено е овие објекти да бидат изградени до следната година. Според него, нема причина за вината да се бара во сообраќајната полиција кога нема размена на информации и предупредувања за опасни услови на патот.

– Како општество мораме да научиме како да реагираме во ваква трагедија – рече тој, оценувајќи дека политичките препукувања од ваков вид се израз на слабост и ниска етика. Се поставува прашањето зошто оние што пренасочувале средства наменети за заштитните огради и патната сигнализација не одвоиле порано пари за овие информативни табли – изјави Демерџиев, додавајќи дека на решавање на овие системски прашања се работи во моментов. 

Можете да прочитате

Најмалку 10 загинати во верижни судири со над 50 возила на автопатот „Тракија“ во Бугарија

СТРАШНА ТРАГЕДИЈА ВО ТУРЦИЈА: 16 загинати и 13 повредени во силна експлозија во фабрика во Измир

Што правеше Вучиќ во изборната ноќ?