
Соопштение за јавност на ВМРО-ДПМНЕ:
Кога нешто зборува СДС, добро е да ги согледаат сите факти и јавно да им ги презентираат на македонската јавност.
Политиката не е шведска маса, па да бираш што ти се допаѓа да земеш и за тоа да зборуваш, а што не ти се допаѓа да ставиш под тепих.
Политиката и јавните настапи се сериозна и одговорна работа, која бара доследност и јавно презентирање на фактите.
Во тој контекст, кога СДС одлучи од шведската маса да земе само тоа што им одговара, наша обврска и должност е да ги презентираме фактите.
Фирмата Мастеф дооел Скопје за којашто денес зборуваше СДС, очигледно била една од најомилени фирми на нивните поранешни градоначалници, само тоа на прес-конференцијата заборавија да го кажат.
Така во периодот на власт на СДС со голем дел од македонските општини оваа фирма била една од ретките која добивала најмногу тендери, особено од скопските општини.
Во периодот од 2018 до 2021 година омиленава фирма на градоначалниците на СДС добива повеќе тендери во милионски износи од општина Карпош, Кисела Вода, Аеродром сите раководени од градоначалници кадри на СДС.
Во 2018 година Мастеф добива седум тендери во вредност од 9.569.788 денари од општина Карпош, во 2019 година 5 тендери од општините Карпош и Аеродром во вредност од 10.320.508 денари.
Во 2020 се приклучува и општина Кисела Вода во доделувањето тендери на истава фирма која од веќе постојаните Аеродром и Карпош, добила вкупно 8 тендери во вредност од 50.265.142 денари.
Додека во 2021 година овие три општини под раководство на кадрите на СДС на фирмата Мастеф им доделиле 6 тендери во вкупна вредност од 47.100.000 денари.
Кога веќе се обидува нешто да прави таканаречениот антикорупциски тим на СДС, добро би било да го прошири опсегот на анализа, па нека испита и нека ги наброи бројот на тендери и нивната вредност коишто ги добила оваа фирма од институциите раководена од нивните партиски кадри.
Што се однесува до јавните набавки за коишто зборуваат, ги потсетуваме дека е сè согласно закон и избрани се најповолните понуди како што предвидува законот.


