Процесот на собирање на граѓански потписи даде дополнителен легитимитет за Силјановска Давкова. Неспорно е дека суверенитетот кој го имаат пратениците извира од граѓаните, но можноста на поголема група на граѓани да изразат поддршка не би рекол дека е само поврзано со одредена мобилизација на ВМРО-ДПМНЕ, сретнав многу луѓе кои не се членови на партијата, туку видоа можност да изразат уште сега поддршка за Силјановска Давкова како кандидат од кој очекуваат да донесе промени, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски за „360 степени” на МТВ.
Муцунски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ на овие парламентарни и претседателски избори се бори за сите гласачи и смета дека со професорката Силјановска Давкова ќе се испрати порака за обединување во македонската нација и нормализација на меѓучовечките односи и меѓуполитичките релации кои постојат во општеството.
– Видовме сериозна мобилизација, над 27.000 потписи собрани во рок од еден ден за поддршка на Силјановска Давкова, сега влегува во кампањата, комуникација со граѓаните, претставување на платформа. Во моментот веќе не го чувствуваме СДС како политички конкурент, бидејќи сметаме дека е извесно дека ќе имаат лош резултат на парламентарни избори и извесно е дека Стево Пендаровски нема да биде претседател на Македонија, потенцираше Муцунски.
Муцунски додаде дека сега е значајно ВМРО-ДПМНЕ што започнува со програмата, да им понуди на граѓаните визија не само за 4 години, туку 8 годишна визија која значи поврзување и на улогата на претседателот и идната влада.
Во однос на прозивките од Левица и нивната кандидатка, Муцунски нагласи дека Левица во континуитет е опозиција на ВМРО-ДПМНЕ.
– Тоа што го гледам во последниот период на дејствувањето и од кандидатот на Левица но и самиот субјект е дека имаат опседнатост со ВМРО-ДПМНЕ и раководството, а сега и со кандидатот за претседател. Тоа говори која функција Левица ја има на овие парламентарни и претседателски избори. На овие претседателски и парламентарни избори гласот за Левица и овие скриени кандидати е глас за СДС. Левица се опозиција на опозицијата кога ги гледате нивните објави и настапи се гледа страшна опседнатост со ВМРО-ДПМНЕ. Кај граѓаните се развива зрелост и го препознаваат тоа, рече Муцунски.