
Компаниите Visa и Mastercard се согласија да платат вкупно 167,5 милиони долари за спогодба во групна тужба во која се обвинуваат дека со години одржувале вештачки високи такси за користење банкомати. Спогодбата, која допрва треба да биде одобрена од судот, е поднесена во федералниот окружен суд во Вашингтон, пренесува „Гардијан“. Со договорот се предвидува обештетување на милиони корисници кои плаќале такси за подигнување готовина од независни банкомати или од банкомати кои не се во сопственост на нивните банки.
Visa ќе уплати околу 88,8 милиони долари, а Mastercard 78,7 милиони долари, за трансакции извршени од октомври 2007 година. Тужбата е поднесена во 2011 година, со обвинувања дека правилата на двете компании ги ограничувале независните оператори на банкомати да понудат пониски цени.
Visa и Mastercard ги негираат наводите за неправилности. Ова е еден од неколкуте поврзани судски случаи. Лани двете компании платија 197,5 милиони долари за слична тужба, додека дел од банките во 2021 година прифатија спогодби вредни 66 милиони долари.


