Утрински Весник
Култура

(Видео) Љутков: Оваа година 5 милиони евра помалку за култура

(Видео) Љутков: Оваа година 5 милиони евра помалку за култура

„Ако мислевме дека резултатите од конкурсот за финансирање на проекти од национален интерес во културата за 2022 се најлоши до сега, сме се излажале. Има и полошо, а тоа се резултатите од оваа година 2023та година. И оваа година се потврдува континуираната владина негрижа, незнаење и целосна незаинтересираност за македонската национална култура. Па така, во историски најголемиот владин буџет досега, предвидени се најмалку финансиски средства за проекти од областа на културата односно пет милиони евра помалку од лани. Од видливо намалените програмски средства, повеќе од јасно е дека културата за 2023 година го допре дното“ рече на прес-конференција Зоран Љутков, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

dobivaj vesti na viber

Тој посочи дека „кажаното на исклучително краткиот, конфузен и сосема непотребен прес од страна на министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска е спротивно на објавените резултати од сајтот на Министерството. Преку нелекторираните објавени резултати, добивме апатична, неинвентивна и неизбалансирана годишна програма во културата во која се скратени безмалку 50 % од програмските средства“.

„Видливо е намален интересот и бројот на апликанти. Ако во 2021 година, аплицирале над 6000 корисници, оваа година, поради комплетната неподготвеност на системот за електронско аплицирање, бројката на апликанти опадна за околу 3000. Но, што е она, со кое ќе се пофали Министерството за култура со ваквата осакатена годишна програма? Одговорот е едноставен, финансиски предимензионирани проекти, за нови, неетаблирани фестивали кои се поддржани со несразмерни големи износи, комерцијални и естрадни проекти, што е спротивно на дадените приоритети и депресивна понуда од националните институции. Програмата на националните институции, кои се столбот на градењето, стимулирањето, промоцијата и грижата на македонската култура, ја исфрла на површина комплетната руинираност, некадарност и неинвентивност на носителите на културните политики во државава, правејќи ги целосно невидливи и безидејни на речиси сите културни полиња“ вели Љутков.

„Република Македонија, втора година по ред, ќе ја нема на саемот за книгата во Франкфурт, но за сметка на тоа продолжува практиката една фирма во ликот на други пет ќерки фирми да добиваат по неколку проекти. Драстично е намален и буџетот за издавачка дејност за 40% во однос на ланскиот, во услови на зголемени поскапувања и трошоци. Проектите во издавачката дејност се поддржувани без мерила, без критериуми, што се гледа по смешно малите износи на поддршката. Очигледно е дека преку овој конкурс владејачката коалиција се пресметувала со неистомислениците, но е немилосрдна и кон критичарите“ порача тој и побара:

„На сите засегнати министерката Бисера Костадиновска Стојчевска ќе треба да им погледне во очи. Но за такво нешто треба верба во праведноста, јасен поглед и чист образ, а министерката тоа го нема. Затоа – Оставка веднаш!“

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“