Најмалку две лица загинаа, а десетици се водат како исчезнати кога во вторникот при лизгање на земјиштето беше затрупан автопат во Бразил. Силниот дожд предизвика лизгање кал на автопатот БР-376 во градот Гуаратуба, во државата Парана.
Засега не се знае што се случило со 30 лица и тие се водат како исчезнати. Властите веруваат дека под калта има неколку затрупани возила. На видеата се гледаат и превртени камиони, кои се опасно блиску до работ на патот, пишува „Скај њуз“.
Граѓаните на социјалните мрежи прашуваат зошто властите не го затвориле патот порано, туку само по одронот.
По инцидентот, сообраќајот во областа беше во прекин, а пристапот до главното пристаниште за испорака на жито и шеќер беше прекинат. Околу 80 % од стоките извезени од Паранагва, второто по големина пристаниште во земјата за житарки и шеќер, се испорачуваат со камиони.