Утрински Весник
Македонија

(Видео) Кумановката Филиповиќ возела невнимателно и не застанала на пешачки кога го прегази пешакот кај мостот „Гоце Делчев“, сведочеше вештак

(Видео) Кумановката Филиповиќ возела невнимателно и не застанала на пешачки кога го прегази пешакот кај мостот „Гоце Делчев“, сведочеше вештак

Невнимателно управување на возилото, според вештакот Перо Ристовски, е основната причина поради која кумановката Гордана Филиповиќ смртно прегази пешак на обележан пешачки премин во близина на мостот „Гоце Делчев“ во Скопје минатата година. На денешното судење вештакот Ристовски во вкрстено испрашување одговараше за наодите по анализата на несреќата.

dobivaj vesti na viber

„Во овој случај невнимателно управување на патничкото моторно возило ‘бмв’ од возачот претставува основна причина за случување на незгодата. Врз основа на извршената анализа не најдов прекршок на пешакот, кој би бил причина за незгодата. Тој се движел правилно. Како што налага законот, на место на кое е дозволено да се движи и во ниту еден момент не прекршил ниту една законска одредба што се однесува на неговото учество во сообраќајот. Во конкретните околности, при наближување кон обележан пешачки премин, возачот требало да се движи внимателно, да ги приспособи брзината и начинот на движење на околностите, да запре пред пешачкиот премин и да го пропушти пешакот, а дури потоа внимателно го продолжи движењето. Во овој случај возилото не запрело на обележаното место“, рече вештакот Стефановски, кој сведочеше и дека на местото на несреќата имало соодветна хоризонтална и вертикална сигнализација за пешачкиот премин.

Вештакот Стефановски објасни дека на фотографиите и снимките од несреќата се забележува „бело возило со товар на покривот“, кое постапило правилно, односно запрело да го пропушти пешакот што се движел по обележаниот пешачки премин.

На ова имаше забелешки одбраната.

„Тој не видел, ова му е пикнато во уста“, рече Љубомир Михајловски, адвокат на обвинетата Филиповиќ, укажувајќи дека вештакот го правел вештачењето врз основа на фотографии од интернет приложени во наодот.

На тоа вештакот одговори со објаснување дека направил увид во документацијата со фотографии и снимки во Обвинителството, а фотографиите што ги ставил во наодот се само за илустрација.

„Врз основа на извршената анализа не најдов прекршок на пешакот кој би бил причина за незгодата“, рече вештакот Перо Ристовски

Адвокатот Михајловски неколкупати се обиде да му постави директни прашања на вештакот, кои судијката Елена Илиевска-Јосифовиќ не дозволи да бидат одговорени во денешното вкрстено испрашување.

Михајловски го праша вештакот со колкава брзина се движел пешакот оти во наодот стоело релативно бавно, на што  доби одговор дека пешакот се движел со брзина од 2,5 километри на час и растојанието од тротоарот до местото на ударот го поминал за 11,5 секунди, што се утврдува од табели во литературата според возраста и полот. Адвокатот го праша вештакот и дали направил или видел вештачење што ќе потврди дека трагите од гумите на асфалтот се токму од автомобилот на Филиповиќ, а тој одговори дека работел врз основа на документацијата од увидот, каде што било наведено дека трагите се од возилото на Филиповиќ.

Адвокатот се интересира и за висината на возилото застанато на пешачкиот премин, кое, според вештакот, не било повисоко од 180 сантиметри, а товарот на покривот не бил повеќе од 30 до 40 сантиметри.

Последното прашање на Михајловски беше дали, според законот, му било дозволено на пешакот да ја преминува улицата од лево на десно, на што вештакот рече дека е дозволено пешаците да се движат од лево кон десно.

Со одговорот како е дозволено да се движат пешаците на пешачки премин заврши испрашувањето на вештакот, а судијката даде пауза по која одбраната најави дека на видеобим ќе презентира свое вештачење.

Филиповиќ го прегази 76-годишниот пешак Слободан Ангеловски лани во јануари. Судењата почнаа годинава. Филиповиќ се изјасни дека не чувствува вина, а нејзината одбраната најави дека ќе докаже оти најголем придонес за несреќата има покојниот.

Обвинетата Филиповиќ е мајка на 17-годишната Јелена, која пред три години загина во сообраќајна незгода, а возачот доби казна затвор од 7,5 години.

Можете да прочитате

КАКО ДА СМЕ ЈАНУАРИ, А НЕ НОЕМВРИ: Рано утринава во Македонија измерени дури -12 степени!

И покрај ветерот повеќе градови во Македонија дишат загаден воздух – Во Кичево девет пати над дозволеното

Утринава -10: Каде беше најстудено а каде најтопло?