Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски денеска во Струга ја посети фабриката за преработка на свежо месо Подгорка изградена со средства од ИПАРД 2 програмата, која во услови на тешка енергетска криза успеа да ги намали трошоците за струја благодарение на навремената инвестиција во сопствена фотонапонска централа.
Премиерот Ковачевски ги охрабри и останатите компании во земјава да го следат овој позитивен пример со што сите заеднички ќе обезбедиме побрза зелена транзиција на земјата, но и ќе ја намалиме енергетската зависност.
„Ние како Влада обезбедуваме услови за работа на компаниите, ги поддржуваме, точно, тоа ни е обврска. Но за да има напредок, мора напорно да се работи. И затоа, ви честитам на сите овде како што ја чуваат и развиваат компанијата и тоа кога ние денес живееме во услови на навистина страшна голема, економска, финансиска, енергетска криза и вакви компании обезбедуваат исхрана за нашите граѓани. Со последните мерки за обезбедување на електрична енергија и драго ми е што тоа го препознава и директорот на оваа компанија обезбедуваме многукратно поевтина електрична енергија за компаниите кои што произведуваат основни прехранбени производи, и со тоа очекуваме намалување на 10 проценти, најмалку 10 проценти на основните прехранбени производи, сите веќе сте сведоци дека дел од производите почнаа да се намалува цената, меѓутоа тоа ќе следи и кај другите”, изјави Ковачевски.
Тој додаде дека со одговорно однесување изминатиот период успеавле и да ја зголемат минималната плата на 18 000 денари, да обезбедат континуирано зголемување на просечната плата и исто така пристапиле со тој одговорен пристап и кон енергетска трансформација на државата.
Ковачевски истакна дека е гордост да се биде тука бидејќи Подгорка е една од ретките компании која што има успеано да го искористи вкупниот износ на предвидените средства од ИПАРД програмата за ваков проект, затоа што имале исклучително квалитетен, сериозен проект, многу сериозен пристап во управувањето со него и на крајот резултатот е видлив, една од најсовремените фабрики за преработка на месо и месни производи кои што постојат овде во регионот.
Оваа фабрика покажува и уште нешто како можат граѓаните од нашата држава, а ние сме овде една Европа во мало и Македонци, Власи, Срби, Торбеши и Египќани во овој дел има многу во Струга, Охрид како можат сите заедно со својот труд да придонесат кон изградба на нешто што може да биде горда целата наша држава, рече премиерот Ковачевски.