Четири лица загинаа во пожар во пензионерски дом во Бедбург-Хау во западната германска покраина Северна Рајна Вестфалија, јави ДПА.
Полицијата соопшти дека пожарот избувнал во текот на изминатата ноќ.
Истрагата во моментов е фокусирана на 71-годишен станар на домот за кого има сомненија дека од невнимание го предизвикал пожарот, соопштија од полицијата и јавното обвинителство.
Полицијата соопшти дека загинале две жени, на 50 и 74 годишна возраст, како и двајца мажи на 66 години кои живееле во домот.
Во пожарот се повредени повеќе од 20 лица.
– Според она што го знаеме досега, пожарот избувнал во една соба од резиденцијата, а потоа се проширил и во другите простории – наведуваат од полицијата и јавното обвинителство.
Во извештаите се наведува дека 46 жители на пензионерскиот дом морале да бидат евакуирани. Се уште не е јасна точната причина за пожарот.