На активистката Љубица Гунчева, основач на Здружението за заштита на животни „Анимал Лаверс“ од Струмица, пресудена и е кривична одговорност со 3 месеци затвор и алтернативно 1 година условно поради инцидент со заловувач на куче во градот.
За случајот информираше здружението „Анима мунди“ од каде што велат дека бил направен невиден преседан врз активист, волонтер која во низа години дур општината Струмица воопшто на никаков начин не ги третирала бездомните кучиња згрижуваше, помагала и вдомувала кучиња од улица.
„Шокирани од третманот на градоначалникот Костадин Костадинов, да посегне со тужба кон општествено одговорна, емпатична девојка без трошка срам и почит што благодарение на неа бројот на бездомните кучиња во неговата општина е намален. Апсурд, срам за Основниот суд во Струмица што и покрај сите приложени докази, факти дека ЈП Лана незаконски постапувале без дозвола за работа, со нерегистрирано возило и никакви обележја и истото за секој со здрав разум би ја оправдало реакцијата на граѓанин но е повеќе од очигледно дека за судијата е попречување на службена должност своевремено незаконска.
Наместо градоначалникот Костадин Костадинов да одговара што издал налог за работа на претпријатие што не смеело да работи, наместо ЈП Лана да одговара што постапила прекршувајќи низа закони бидејќи немала дозвола во ниеден сегмент, пресудена и е кривична одговорност на активистката со 3 месеци затвор и алтернативно 1 година условно“, велат од здружението.
Во пресудата од судот се наведува дека активистката го попречила шинтерот да го залови кучето и го турнала, по што тој бил каснат од животното, со што извршила кривично дело попречување на службено лице во службено дејствие.
„На 17.10.2022 година околу 10 часот во Струмица со сериозна закана се обидела да ги спречи службените лица Џоко Иванов и Дејан Ристов од Струмица во вршење службено дејствие, така што откако Џоко Иванов – заловувач-шинтер при ЈПЗБК стационар Лана, Струмица, добиле налог за да на улицата „Братско единство“ број 4, по претходна пријава од Општина Струмица дека таму има кучиња кои ја загрозуваат сигурноста на граѓаните, да заловат едно црно куче и едно бело куче со црни дамки, па откако ги виделе кучињата на потегот помеѓу продавницата на Црвена Ружа и дисконт Тинекс, најпрво им дале грана на кучињата и во моментот кога оштетениот Џоко со специјалниот стап за заловување го фатил кучето и пред да му го стави околувратникот за да го внесе во специјално возило, обвинетата Љубица почнала да вика „остави го кучето, така ли се прави тоа“, почнала да снима со мобилен телефон, заканувајќи им се дека ќе ја објави на социјалните мрежи, па го бутнала оштетениот Џоко кој бил каснат со кучето и се здобил со телесни повреди“, велат од судот.
И Гунчева се огласи за инцидентот која вели дека и е нанесена неправда, а Општина Струмица со години наназад нема ангажирано прифатилиште за хуман третман на бездомните кучиња, односно спроведување на програмата „залови-стерилизирај-вакцинирај-врати“.
„На ден 17.10.2022, додека бев на работа слушнав силно завивање и цвилење од куче, кое видно ме вознемири и излегов надвор да видам што се случува. Надвор затекнав, во тој момент, за мене целосно непознати лица, облечени во тренерки, без униформа или работни одела, како влечат бездомнo куче со сајла, кое неутешно цвили. Се приближив до нив и ги замолив да го ослободат кучето бидејќи тоа е куче кое јас го познавам и редовно го хранам. На тоа добив одговор да ги оставам да си ја вршат нивната работа. Во близина беше паркирано возило без регистерски табли, опремено за заловување на кучиња. Претпоставив дека можеби се од ЈП Лана и покрај тоа што лицата кои заловуваа не беа соодветно обележани. Во повеќе наврати им реков да го ослободат кучето, па дури им се понудив да го внесам јас, по што бев одбиена. Поради ова, се вратив на работното место за да го земам телефонот, за да ги снимам, со цел да и покажам на јавноста дека вршат заловување на крајно нехуман начин, што е нешто против кое ние со години наназад се бориме. Следниот ден поднесов пријава во СВР Струмица поради тоа што се вршеше заловување од страна на непознати и необележани лица, во нерегистрирано возило, а истите тие лица, поднесоа против мене кривична пријава по основ „Спречување службено лице за вршење на службена дејност“, раскажа активистката.
Додава дека за време на судењето доставила докази дека стационарот во моментот на заловување немал дозвола за работа, возилата не биле регистрирани. За време на судењето, вели активистката градоначалникот на Општина Струмица даде изјава дека налогот за заловување го има издадено лично тој поради повик на граѓанин чиј жена била болна од рак и и’ пречеле кучињата на улицата. Дополнително, вели, иако не ме познава, си даде за право да ми дели лични квалификации, како сум била проблематична личност. Судот ниту овде не најде проблем или пропуст.
Откако кучето било однесено во стационарот на ЈП ЛАНА, АХВ им издало забрана за работење се додека не добијат дозвола и налог да ги ослободат кучињата кои се во стационарот. По овој налог кучето било преземено од локален активист и донесено во нејзиното здружение.